Во време кога дигитализацијата го менува начинот на кој купуваме и продаваме, многу мали бизниси успеваат да се пробијат на пазарот преку социјалните мрежи. Пример за тоа е Весна, 52-годишна домаќинка од Велес, која со љубов и страст прави вкусни кифлички и ги нуди на продажба преку својата Фејсбук страница.
Нејзиниот бизнис не само што е успешен, туку е и неизоставен дел од локалната заедница, каде што луѓето се секогаш во потрага по нејзините вкусни производи. „Со огромно задоволство ги правам кифличките. Скоро и да нема ден кога немам нарачка“, раскажува Весна.
Нејзините кифлички, кои можат да се најдат во различни вкусови – од класични до иновативни комбинации – станаа хит во градот.
За неа, правењето кифлички не е само работа, туку и начин на живот.
„Секогаш ги правам со љубов и тоа се чувствува во вкусот. Ги полнам со сирење, со семиња или само со крупна сол. Како ќе ми кажете, такви ќе ви направам“, ни изјави Весна со насмевка.
Таа открива дека нејзините две ќерки активно учествуваат во развојот на нејзиниот бизнис.
„Тие ја разработија мојата Фејсбук страница. Не можам да опишам колку сум им благодарна за тоа“, вели нашата соговорничка.
Социјалната мрежа им овозможува на Весна и нејзините ќерки да комуницираат директно со клиентите, да примаат нарачки и да организираат испораки.
„Луѓето постојано пишуваат и нарачуваат кифли за слави, родендени, прослави…“, појаснува таа.
Кифличките на Весна се префинети и уникатни, со домашен вкус кој потсетува на детството.
Кога зборува за рецептот, Весна нагласува дека тајната е во квалитетот на состојките.
„Користам само свежи производи. Ништо не може да се спореди со домашното. Тоа е мојот начин да им го пружам на клиентите само најдоброто“, објаснува таа.
Весна, која својата работа ја гледа како хоби, вели дека нејзината цел е да донесе радост и задоволство на луѓето.
„Кога ќе добијам позитивни реакции и пофалби, тоа ми дава дополнителна мотивација да продолжам“, вели таа.
Кога нејзините кифлички се дел од некоја прослава, Весна чувствува дека на некој начин станува дел од тие важни моменти во животите на луѓето.
Секој ден, нејзината Фејсбук страница привлекува нови следбеници и нарачки. Весна верува дека нејзината приказна е само почеток.
„Имам многу идеи за нови производи и планирам да ги развијам понатаму. Кој знае, можеби еден ден ќе отворам и мал дуќан“, изјави велешанката.
Извор: denar.mk