Граѓаните мака мачат да најдат мајстори за поправки во домот, и чекаат со месеци, а ако се работи за некоја ситница или за мала квадратура е уште потешко. Во време кога има криза за занаетчии, мајсторите имаат шанса да бираат каде и што ќе сработат и гледаат што е поисплатливо.
Мајсторите велат дека секој од нив е приказна за себе. Некој бара ангажмани каде има поголема квадратура за работа, но други пак не сакаат да „заглавуваат“ долго време на ист објект. Додаваат дека има секакви ситуации. Но, ако се работи за мала квадратура, за ситна поправка на викендица или во некое место далеку од градот, тогаш треба јасно да му се каже на тој што бара услуги колку ќе чини трошокот до таму и самата работа.
„Зависи од работата. Ќе му излеземе во пресрет, ќе земеме пари и си одиме. Секој различно прави. Ако е мала површина, ситница, гледаме реално да извадиме дневница, да ги покриеме трошоците. Проблемот е ако мајсторите се алчни, гледаат да фатат повеќе работа и затоа е доведено до тоа луѓето да изгубат доверба“, вели Александар К. молер од Скопје.
Мајсторите советуваат граѓаните со време да бараат занаетчии, да не биде тоа во последен момент, затоа што сите се презафатени, имаат полни раце работа. Според нив, ако некој планира дома нешто да реновира, два месеци однапред треба да си договори мајстори, затоа што во рок од неколку дена е тешко да се најдат работници.
„Се случувало некој во петок да се јави и да каже дека во понеделник му треба мајстор да му залепи плочки во бањата. Проблем е времето, не квадратурата. Немаме време. Не е само тоа, поентата е што ако работам на големо место, сега треба да ја оставам работата и да одам. Една недела ако работам еден стан, другата недела сум ветил на друг човек, и ден, два ми одземаат време. Постојано се јавуваат луѓе, се трудиме да стигнеме, но кога не бива, не бива. Така оди работава, нема многу занаетчии“, додава Драган П. од Скопје.
Друг плочкар од внатрешноста на Македонија објаснува дека секој мајстор гледа максимално да го искористи своето време за да заработи.
„Ако е некоја ситница, се наплаќа по работен час. Нормално е тоа што секој сака да сработи нешто што носи повеќе пари. Некој што нема толку многу работа, ќе се нафати за ситница или ако е вработен во фирма, попладне да сработи нешто плус. Има такви ситуации, се јавуваат луѓето за поситни работи. И пензионерите плочкари одат на такви поситни работи. Ако е работата на 10 км од градот, треба да одам, да се вратам, ќе потрошам за превоз, а треба работата прво да се види, не може да се работи на невидено, и тој трошок треба да се наплати“, објаснува Милош Божиновски, плочкар.
Недостиг на занаетчии има последниве години, откако има одлив во европските земји. Затоа во државава, луѓето чекаат и по два-три месеци, но и даваат капар за да резервираат мајстори со време за изведување на градежни работи во домот. Недостигот на кадар ги покачи и цените на услугите. Многу македонски занаетчии заминаа на работа во Германија, Хрватска и други држави.
Извор: faktor.mk