Покачувањето на пензиите од 2.500 денари минатиот месец донесе мала надеж за македонските пензионери, но тоа не ги реши основните предизвици со кои тие секојдневно се соочуваат.
И покрај минималните корекции, значителен број пензионери велат дека нивните примања не им дозволуваат достоен живот, а некои дури и се борат да ги покријат основните трошоци за храна, лекови и за сметки.
„Пензијата ми е едвај 13.000 денари, и со ова покачување стигнав до 15.500 денари. Но, кога ќе платам за лековите, за струја и за телефон, тешко е да остане за храна. Купувам само она што морам“, вели 70-годишниот Зоран Митровиќ од Скопје, кој, како многумина, живее сам и нема други извори на приход.
Неговиот месечен трошок за лекови и здравствени услуги надминува 4.000 денари, што му остава малку средства за останатите потреби.
Експертите укажуваат дека овие минимални покачувања се само краткорочно решение и не обезбедуваат долгорочна стабилност.
„Македонскиот пензиски систем веќе подолго време се соочува со сериозни проблеми“, велат економистите. „Големиот број пензионери и ограничениот фонд за распределба доведоа до ситуација каде пензиите не можат да го следат растот на трошоците за живот. Со сегашниот систем, дури и со овие покачувања, пензионерите немаат доволно за достоинствен живот“.
Во ситуација кога инфлацијата ги зголемува цените на основните прехранбени производи и здравствени услуги, дури и повисоките пензии остануваат недоволни.
Според податоците до коишто дојдовме, минималните месечни трошоци за еден пензионер се околу 20.000 денари, што значи дека многумина се далеку од овој износ и бараат дополнителни начини за да ги покријат неопходните потреби.
Експетите сметаат дека треба да се размисли за реформи во пензискиот систем, кои ќе ги земат предвид реалните потреби на постарото население и ќе овозможат стабилни и достојни примања. „Потребна е социјална и економска политика која ќе обезбеди поддршка за пензионерите преку дополнителни бенефиции, како субвенции за лекови, пониски тарифи за комунални услуги или други форми на помош“, предлагаат тие.
Со овие проблеми и ограничени можности за зголемување на пензиите, потребно е внимание кон градење одржливи решенија што ќе им овозможат на пензионерите финансиска стабилност и достоинствен живот во староста.
Извор: denar.mk