Со приближувањето на крајот на годината, атмосферата во корпоративниот свет станува сè повесела и поопуштена, додека многу компании започнуваат подготовки за традиционалните предновогодишни забави. Овие настани не се само можност за одбележување на деловниот успех, туку и можност да се наградат вработените за нивната посветеност и ангажираност во текот на целата година.
Токму таму, еден од сопствениците на луксузен ресторан во неформален разговор за порталот Денар сподели дека годинава интересот за резервации е значително зголемен.
„Иако има повеќе од еден месец до Нова Година, веќе сме речиси целосно резервирани за декември. Компаниите се обидуваат на време да обезбедат место за своите вработени, што покажува дека предновогодишната еуфорија започнува рано“, изјави тој.
Ова зголемено интересирање може да се објасни и со потребата на фирмите да ги мотивираат и задржат своите вработени во услови на динамични пазарни промени.
Прославите се начин да се создаде чувство на припадност и тимски дух меѓу колегите, а истовремено служат и како одличен метод за изразување благодарност за нивниот труд и залагање.
Според истражувањата, ваквите настани имаат позитивно влијание врз моралот на вработените, што е од клучно значење за нивната продуктивност.
Покрај луксузните ресторани, и останатите угостителски објекти низ Скопје забележуваат растечки број на резервации, особено во делот на софистицирани концепти со висока кулинарска понуда и префинет амбиент. Оваа година, се чини дека се бара уникатно и специјално искуство, а компаниите се подготвени да инвестираат за да создадат незаборавна вечер за своите вработени.
Со оглед на растечкиот тренд, може да се очекува дека декемвриските ноќи ќе бидат исполнети со прослави, додека во рестораните и кафулињата низ градот ќе се чувствува весел дух на заедништво и радост.
Извор: denar.mk