Еврото денеска падна на најниско ниво во последните две години во однос на доларот, откако најновите податоци покажаа дека деловната активност во еврозоната нагло паднала во ноември.
Според податоците на берзата, европската заедничка валута во еден момент се тргуваше по 1,0399 долари, што е најниска вредност од декември 2022 година, пренесува Си-Ен-Ен. Глобалната агенција S&P објави дека композитниот индекс на менаџери за набавка (PMI) во еврозоната паднал од октомвриските 50 поени на 48,1 поен.
PMI е параметар кој се користи како показател за економската активност, а резултат под 50 поени покажува дека економијата е во состојба на контракција, односно пад на економската активност.
Ноемвриските податоци за деловната активност во еврозоната ги подгреаа очекувањата дека Европската централна банка значително ќе ја намали референтната каматна стапка следниот месец, наведува американската медиумска компанија.
Извор: faktor.mk