Градот Барле во Европа е уникатен и различен од сите други градови во светот поради неговата необична позиција. Може да се случи, доколку некој објект има два влеза, да влезете од Холандија, а да излезете во Белгија. Или, да седите удобно во вашата фотелја, а телевизорот што го гледате да се наоѓа преку граница. Дури и брачен пар може да спие во ист кревет, но на две различни страни од границата. За што станува збор?
Куќи изградени од црвена тула, ветерници, калдрма, црква – на прв поглед, Барле, град на границата меѓу Белгија и Холандија, изгледа како секој просечен холандски град. Но, Барле е сепак сосема посебен.
Најпрвин, се наоѓа околу 100 километри јужно од Амстердам и е составен од бројни парцели кои се во сопственост или на Белгија (Барле-Хертог) или на Холандија (Барле-Насау). Тие се толку испреплетени што државната граница поминува низ речиси секој објект во градот.
Границата е обележана со бели крстови кои, освен што го делат градот на белгиски дел (означен со буквата B) и холандски дел (означен со NL), претставуваат и препознатлив симбол на местото. Овие ознаки ја покажуваат точната локација каде завршува една држава и почнува другата, потсетувајќи ги сите што ја минуваат границата дека се во нова суверена држава.
Во овој шармантен град кој истовремено живее во две држави, жителите водат интересен живот. Улиците, куќите, рестораните, музеите и останатите објекти складно коегзистираат во рамките на Белгија и Холандија, а низ сите нив поминува државната граница. За среќа, Холандија и Белгија се дел од Шенген-зоната, што значи дека границите можат да се минуваат без проверка на пасоши.
Иако многумина не забележуваат разлика помеѓу тоа кој објект на која држава припаѓа, познавачите лесно ја воочуваат. Холандските згради имаат униформиран изглед, кој суптилно се разликува од живописната белгиска архитектура. Иако францускиот јазик се учи во училиштата на двете страни, сите жители зборуваат холандски.
Овој единствен град, кој „седи на две столчиња“, има околу 9.000 жители поделени во две заедници од две држави. Во Барле-Хертог, општина која главно се состои од белгиски енклави, живеат околу 3.000 Белгијци. Од друга страна, во Барле-Насау, холандска општина која припаѓа на провинцијата Северен Брабант, живеат околу 7.000 Холанѓани.
Како се одредува националноста на луѓето во исти куќи?
Чудната географија на Барле потекнува од 12-тиот век, кога војните го диктирале сопствеништвото на земјиштата. Кога Белгија се отцепила од Холандија во 1830 година, овие сложени линии станале национални граници, оставајќи зад себе бројни енклави. Денес, Барле се наоѓа во Холандија, но има 22 белгиски енклави, кои, пак, содржат 7 холандски енклави во нив.
Во домовите каде што границата минува низ нив, националноста на домаќинствата се одредува според локацијата на куќата или собата. Ако границата поминува низ вратата, куќата припаѓа на две држави и тоа е означено со два улични броја.
Со години, продавниците во Белгија работеа и во недела, додека во Холандија не беше дозволено. Исто така, постоеја периоди кога, според холандскиот закон, кафулињата и рестораните мораа да затвораат порано, па гостите преминуваа на масите што се наоѓаа на белгиската страна. Сепак, со доаѓањето на Европската унија, многу од овие разлики исчезнаа.
Извор: eupravozato.modno.rs