Аналитика Тинк Танк ја претстави својата најнова студија за „Ефектот на истиснување на потрошувачката на тутун врз буџетот на домаќинствата во РС Македонија“ и „Влијанието на цените на цигарите и политиките за контрола на тутунот врз иницијацијата со пушење кај младите“. Според истражувањето, домаќинствата со пушачи издвојуваат 13,2% од своите буџети за цигари, што претставува значително зголемување од 10,3% во 2018 година. Оваа состојба го истиснува семејниот буџет, особено кај домаќинствата со ниски примања, и ја продлабочува сиромаштијата.
Тамара Мијовиќ Спасова од Аналитика истакна дека во Македонија, процентот на возрасни пушачи изнесува 48,4%, што е значително над европскиот просек. Покрај цигарите, пушачите издвојуваат високи 12,5% од својот буџет за алкохол, наспроти 1,1% кај семејствата без пушачи. Овие трошоци директно влијаат врз квалитетот на живот, намалувајќи ги средствата за храна, образование и здравствена заштита.
„Податоците од Аналитика покажуваат поразителни резултати односно тие говорат дека страста за цигарите и другите тутунски производи го исцрпуваат семејниот буџет на сметка на буџетот потребен за храна, образование и здравје особено кај семејствата со ниски примања. Дополнително фрапантно е што истражувањата покажуваат дека цигарите го поттикнуваат трошокот на алкохолни пијалоци односно непушачките семејства за алкохол трошат 1,1% под нивниот семеен буџет, додека семејствата со пушачи трошат високи 12,5% за алкохол. Ако се земат во предвид сите анализи точно се воочува дека трошењето на семејните буџети за тутунските производи предизвикуваат продлабочување на сиромаштијата“, потенцира Спасова.
Дополнително, истражувањето покажува дека малолетниците лесно доаѓаат до цигари, често по барање на родители или други возрасни членови од семејството. Употребата на електронски цигари расте, особено кај жените и младите, додека нема значителен напредок во намалувањето на пушењето кај децата од 13 до 15 години.
Марија Андонова, директорка на Институтот за јавно здравје, посочи дека трошоците за цигари изнесуваат 38 милијарди денари годишно, што е 5,6% од БДП. Ова е аларм за итни мерки, како зголемување на акцизите, воведување на бесплатни програми за откажување од пушење и нови законски измени за подобрување на здравјето и финансиската состојба на граѓаните.
Бојана Христовска Мијовиќ од Аналитика предложи дополнителни мерки за намалување на достапноста на тутунските производи, особено кај младите. Таа нагласи дека е потребно зголемување на акцизите, кампањи за подигање на свеста, едукативни програми за младите и стимулација на здрави животни навики.
Надежда Шопова Трајковска од Царинската управа најави дека до 2030 година акцизите на тутунските производи ќе се усогласат со минималните стапки на Европската Унија. Со овие мерки се очекува намалување на потрошувачката на тутун и подобрување на јавните приходи.
„Секој 1 јануари акцизата на цигарите ќе се зголемува за 0.23 денари, на пурите 2 денари по парче, тутунот за пушење 150 денари по килограм, не согорливи тутунски производи на кило по 350 денари, 0,02 денари по милилитар за течниот тутун. Со овие мерки, се очекува до 2030 да бидеме усогласени со минималните стапки во Европската Унија. Преку царинските контроли од 1 јули 2024 година Царинската управа наплатила приходи од 54,6 милиони денари што е силен показател дека сме силно посветени на регионалната интеграција и легалната трговија“, истакна Трајковска.
Целата вест прочитајте ја на: denar.mk