Скопје пред два дена беше најзагаден град во светот, и еве веќе втор ден свети на портокалово, односно табелата покажува дека воздухот е нездрав за хронично болните и децата иако се наоѓа на 29 место во светот според табелата на загаденост на „Ај кју аир“
Како што расте бројот на малигни заболувања во Македонија, делумно поради загадениот воздух, и од Град Скопје и од Владата молк за аерозагадувањето.
Според податоците од мерните станици, загадувањето е на алармантно високи нивоа. Според податоците на платформата IQAir, која ги следи нивото на загаденост, главниот град на Македонија во петокот имал 263 единици концентрацијата на штетни честички.
Нивото на PM2.5 било 37,7 пати повисоко од годишната дозволена вредност според Светската здравствена организација. Се забележуваат слични проблеми и во други градови како Струмица, Кавадарци, Тетово, и Кочани, каде концентрациите на загадувачки честички се многу високи.
Скопје честопати се наоѓа меѓу десетте најзагадени градови во светот, но единствената мерка која често се применува е бесплатен јавен превоз кога воздухот е најзагаден три дена по ред.
Секоја година од 3.828 до 5000 луѓе во државава ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5.
„Секој деветти смртен случај кај новороденчињата во Северна Македонија е поврзан со загаден воздух“, објави агенцијата на Обединетите нации во септември годинава.
Со концентрации кои во континуитет го загрозуваат здравјето на граѓаните, Северна Македонија со години е рангирана на врвот меѓу земјите со најзагаден воздух во Европа.
Официјалните податоци на државниот мониторинг секоја година покажуваат дека градовите како Скопје, Битола и Тетово имаат високи концентрации на ПМ2,5 и ПМ10 честички, особено во зимските месеци. И Во февруари 2024 година, Скопје повторно се најде меѓу првите десет најзагадени градови во светот, а просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 честички ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината.
Носење маска и седење дома
„Бројот на малигнитети е отприлика 10 отсто од сите заболувања, но сепак е во пораст. Загаденоста влијае и на бројот на астма, опструктивни заболувања и хронични незаразни заболувања“, вели проф. д-р Мирјана Димовска од Институтот за јавно здравје на РСМ и Медицински факултет во Скопје, Универзитет “Св. Кирил и Методиј”.
Таа препорачува дека луѓето треба да се фокусираат на здрави навики, како што се пешачење, планинарење или престој во селото, особено за хронично болните, кои треба да избегнуваат излагање на загадениот воздух. „Кога е многу загадено, хронично болните треба да останат дома“, додаде таа.
Мерките што се препорачуваат за намалување на загадувањето вклучуваат ослободување на трудот на најранливите групи, како што се бремените жени и постарите лица, како и ограничување на употребата на службените возила од страна на државни и локални органи, и реорганизација на работното време.
„Загадениот воздух е токсичен. Наместо да се преземат конкретни мерки за намалување на загадувањето, сите молчат, велат од Иницијативата О2, која продолжува да укажува на сериозноста на проблемот. Според нив, потребна е замена на старите нееколошки системи за греење во јавни и здравствени институции, што би придонело за значително намалување на загадувањето.
Скопје пред два дена беше најзагаден град во светот, и еве веќе втор ден свети на портокалово, односно табелата покажува дека воздухот е нездрав за хронично болните и децата иако се наоѓа на 29 место во светот според табелата на загаденост на „Ај кју аир“