![Граѓаните се жалат на високите цени на угостителските услуги](https://s.vrabotuvanje.com.mk/data/images/preview/article/81/0ab5cb18-resize-820x0x100.jpg)
Во постојан пораст цените на угостителските услуги. Инфлацијата, зголемените трошоци и порастот на платите на вработените во секторот, се клучни за поскапувањето. Во главниот туристички центар во земјава цената на едно кафе се движи од 120 до 250 денари, зависно од близината на езерото, услугата и амбиентот, но во локалите надвор од центарот цените се доста пониски.
Најгласни за високите цени во кафулињата и рестораните се охриѓани, често критикуваат и домашните туристи, но за странските гости цените се коректни.
„Имаме превисоки цени, за разлика на пример од Солун цените на кафето се две до две и пол евра, овде е исто и нешто поскапо.“
„Скапи се, скапи се. Кафето во Охрид е поскапо од кафето во Загреб“- велат граѓаните што ги анкетиравме.
„Три до четири евра за кафе толку е и во Лондон, што значи исто, но мора да кажам дека е преубаво и 3 до 4 евра да се плати оваа глетка вреди“-изјави туристка од странство.
Угостителската фела е на ставот дека цените содејствуваат со нивото и квалитетот на услугата. Велат, во Охрид има реални и пристапни цени, но во одредени локали и повисоки.
„Ќе бидам искрен и ќе кажам да има локали коишто имаат некои повисоки цени од останатите, меѓутоа има и локали коишто имаат повеќе од пристојни цени и за храна и за пијалаци, за сите сегменти од угостителството. Тоа е релативно и зависи од голем број фактори кои ја одредуваат цената“, вели Челик Асим, угостител.
Според Државниот завод за статистика угостителските услуги во јануари годинава, во однос на истиот месец лани се поскапени за 5,8%. Поскапување има и во споредбата со претходниот месец за 0,2%.