![Неработен петок во Македонија – зошто да не?](https://s.vrabotuvanje.com.mk/data/images/preview/article/ac/fd7ef3ca-resize-820x0x100.jpg)
Шпанија е последна од редицата земји која официјално ја скрати работната недела. Владата на Шпанија, во договор со синдикатите, но без поддршка на најголемите здруженија на работодавците, одобри намалување работната недела од 40 часа на 37,5 часа без да се намалат платите. Од ваквата мерка корист ќе имаат 12 милиони работници.
Од почетокот на оваа година над 200 британски компании трајно се префрлија на четиридневна работна недела, без намалување на платите. Во овие компании работат над 5000 лица и тие главно се маркетиншки агенции, ИТ компании, консултантски друштва.
Првата земја во Европа која ја скрати со закон работната недела е Белгија. Законот беше донесен во ноември 2023 година и беше оставено работникот да избере дали ќе работи четири или пет дена. Резултатите покажаа дека се подобрила продуктивноста затоа што работниците сакаат тоа што треба да го сработат за пет дена, да го сторат за четири.
Во Германија лани беше спроведен експеримент кој покажа дека кога еднаш петокот ќе стане дел од викендот, враќањето назад е тешко. Или како што вели сопственикот на една од компаниите која беше вклучена во проектот „Не сакам повеќе да работам во петок. Едноставно не сакам“.
Македонско искуство – пораснале и продуктивноста и платите
Срамежливо, но и во земјава се појавија работодавци кои овозможуваат скратена работна недела. Можеби првата компанија која лани во април го воведе концептот е „Андреева консалтинг“. На прашањето зошто, сопственичката Александра Иванова едноставно одговара „откако се погодија два-три продолжени викенди по ред на кои сите им се радуваме и ни годат си реков „Зошто да не?“, вели таа во разговор за „Блумберг Адрија“.
Намерата е неработниот петок да остане трајно решение затоа што изминатиот период се покажало дека во услови на зголемен обем на работа (како сега кога се подготвуваат завршните сметки), вработените сами знаат што треба да прават.
Придобивките од неработниот петок донеле раст приходите како резултат на подобрената продуктивност, помалку откази, полесно регрутирање нови вработени и намалување на прегореноста (burnout) кај работниците што ги намалува и боледувањата, но и анксиозноста.
Целиот текст прочитајте го на: mk.bloombergadria.com