
Скопската кафетерија „The Dude Specialty Coffee“, којашто веќе четири и пол години го нуди најдоброто кафе во македонскиот главен град, доби признание за својата страст и посветеност во работењето – влезе во престижната топ-листа „Најдобри 100 кафетерии во светот“ (The Worlds 100 best coffee shops) во склоп на Мадридскиот кафе-фестивал. Во конкуренција од кафетерии од сите континенти, „Дуд спешлти кофи“ го освои 63. место.
– Ова е огромно признание за целокупниот тим на „Д’ дуд спешлти кофи“, но и светско уважување на брзорастечка скопска „Спешлти“ кафе-сцена. Кога го отворив „Дуд“, главната мисија беше да станеме препознатливи по „доброто кафе“, а сега таа потврда ја добивме во меѓународни рамки. Токму поради тоа, сега имаме уште поголема мотивација да го задржиме нашиот квалитет и да им нудиме врвно уживање на сите љубители на овој исклучителен производ, од кој се воодушевени речиси сите луѓе, изјави Мирче Чашуле – сопственик на кафетеријата.
Изборот е направен по 60.000 гласови и од жири од седум професионални судии. Критериуми за изборот се квалитетот на кафето што се служи, искуството и подготвеноста на служителите, услугата, иновацијата во работењето, амбиентот и конзистентност на производот.
Покрај признанието за „Топ 100 кафетерии во светот“, се наведува во соопштението, ова кафуле беше прогласено и за најдобро „Спешлти кофи“ во Македонија за 2024 година, според глобалниот водич за „Спешлти кофи“.
Извор: kurir.mk