
Начинот на кој ги уредуваме и одржуваме нашите домови може да има огромно влијание врз нашиот секојдневен живот - од тоа како се чувствуваме кога сме сами, до тоа колку време поминуваме со семејството и колку се чувствуваме поврзано со нашиот сопствен простор. Нашите домови се одраз на нашата личност, а стиловите на уредување се разликуваат меѓу генерациите.
Генерацијата Z, која сè повеќе навлегува во светот на возрасните, почнува да ги менува трендовите и да експериментира со дизајнот на ентериер. Неодамнешното истражување спроведено кај 2.000 сопственици на куќи (500 испитаници од секоја генерација - генерацијата Z, милениумците Y, генерацијата X, и „бејби бумерите“(родени од средината на ‘40-тите до средината на ’60-тите години на минатиот век) покажало дека на младите луѓе често не им се допаѓаат одредени елементи во домовите на постарите генерации.
Студијата, спроведена од „Talker Research“ за „Realty ONE Group“, откри интересни разлики во она што денес се смета за модерно и пожелно кога станува збор за уредувањето на домот.
Бањи во стил на плажа
Истражувањето спроведено од Talker Research за Realty ONE Group покажа дека генерацијата Z има сосема поинаков пристап кон уредувањето на домот во споредба со постарите генерации како милениумците, генерацијата X и бејби бумерите. Додека помладите сакаат похрабри дезени и ретро стил од средината на 20-тиот век, популарните морнарски мотиви и мотивите од плажа, омилени кај постарите луѓе, полека излегуваат од мода.
Сепак, не исчезнуваат целосно - на околу 23% од генерацијата Z и понатаму им се допаѓа морнарскиот стил, но тие го нарекуваат „рибарска атмосфера“ и му даваат помодерен изглед. Како што наведува порталот YourTango, овој тренд не е само во уредувањето на домот, туку се гледа и во модата.
Генерацијата Z сака да експериментира и да ги прилагодува старите стилови на свој начин, па она што го сакаа постарите генерации сега изгледа поинаку.
Домови целосно покриени со теписи
Речиси 40% од помладите генерации не сакаат домови со тепих, а генерацијата Z особено избегнува тепих поради макотрпното одржување.
Иако им се допаѓаат старинските детали како дрвени подови и впечатливи килими, повеќето припадници на генерацијата Z не сакаат килимот да биде главен елемент во домот. Освен што не се естетски пријатни, тие сметаат дека се непрактични за чистење и одржување.
Неутрални бои и ентериери
Додека постарите генерации претпочитаа сиви и бели тонови во нивните домови, кои понекогаш може да изгледаат премногу едноставно и стерилно, генерацијата Z оди во сосема поинаква насока.
Помладите избираат смели бои, уникатна уметност и забавен мебел, сакајќи да создадат простор кој го одразува нивниот личен стил и енергија.
Со оглед на тоа што поминуваат многу време дома и имаат пристап до технологија, нивниот дом е важно место за нив во кој се чувствуваат удобно и безбедно.
Луксузен мебел
Иако го сакаат ретро стилот од средината на минатиот век, многумина од генерацијата Z не можат да поднесат „модерен луксуз“ во домот. Сјајните огледала, белиот мебел и кадифените каучи им изгледаат премногу светкаво и неприродно, па затоа ги избегнуваат.
Наместо тоа, тие претпочитаат да избираат уникатни и старински парчиња, сакаат мебел од втора рака и сакаат нивниот дом да изгледа автентично, а не како од каталог на некои луксузни брендови.
Овој тренд доаѓа и со сè поголемата популарност на пазарувањето на работи од втора рака, бидејќи младите сè повеќе се свртуваат кон потопли, порелаксирани и пооригинални простори наместо стерилен, „совршен“ изглед.
Пластичен декор
Бидејќи генерацијата Z е еколошки доста свесна, се фокусира на одржливоста, не е ни чудо што не им се допаѓа кога постарите генерации користат многу пластични украси.
Додека постарите луѓе можеби не размислуваат многу за тоа, генерацијата Z претпочита да купува уникатни, половни парчиња.
Преполни простори
Генерацијата Z има проблеми со непотребниот неред, кој често произлегува од навиката на постарите генерации да собираат работи од минатото. Ова трупање обично се прави од желба да се „зачуваат“ предметите, но генерацијата Z ова го доживува како создавање немир, бидејќи веруваат дека ваквото справување со работите е непотребно и неодржливо.
Извор: kanal5.com.mk