
Најголемата банка во Сингапур, DBS, денеска објави дека очекува да укине околу 4.000 позиции во следните три години, бидејќи вештачката интелигенција (АИ) ќе преземе голем дел од работата што моментално ја вршат луѓето.
Портпаролот на банката рече дека потегот, кој ќе остави без работа 4.000 работници, ќе влијае на привремениот и на договорниот персонал, а намалувањето на работната сила ќе се одвива преку природен одлив додека се завршуваат проектите, пренесува Би-Би-Си.
Постојаниот персонал нема да биде засегнат од овие кратења. DBS вработува вкупно околу 41.000 луѓе, а моментално има меѓу 8.000 и 9.000 привремени и договорни работници.
Извршниот директор на банката во заминување, Пијуш Гупта, исто така рече дека се очекува да бидат отворени околу 1.000 нови работни места поврзани со вештачката интелигенција.
Ова ја прави DBS една од првите големи банки што дава детали за тоа како вештачката интелигенција ќе влијае на нејзиниот бизнис, наведува Би-Би-Си. Минатата година Гупта рече дека DBS работи на вештачка интелигенција повеќе од една деценија.
„Денес, применуваме над 800 модели на вештачка интелигенција во 350 случаи на употреба и очекуваме нивното економско влијание да надмине околу 710 милиони евра во 2025 година“, додаде тој.