
Често ја фрламе храната штом ќе забележиме дека ѝ поминал рокот. Но дали е секогаш потребно да се прави ова? Многу намирници всушност можат да се консумираат и по тој датум, а некои производи речиси никогаш не се расипуваат.
Разликата помеѓу „да се употреби до“ и „најдобро да се употреби до“
„Да се употреби до“ означува безбедносен рок, особено за расипливи производи како месо, риба и млечни производи. Овие намирници не треба да се консумираат по тој датум.
„Најдобро да се употреби до“ го означува рокот на оптималниот квалитет, но производот честопати може да се консумира и после тоа доколку не постојат знаци на расипување.
Намирници кои траат подолго отколку што мислиме
Тестенини и ориз – сувите тестенини и оризот можат да траат со години по нивниот рок на употреба доколку се чуваат на суво место.
Конзервирана храна – доколку конзервата не е оштетена, храната во неа може да биде безбедна со години по истекот на рокот.
Мед – практично никогаш не се расипува, може да кристализира, но сепак е јадлив.
Шеќер и сол – немаат рок на траење бидејќи не го поддржуваат растот на бактериите.
Чоколадо – може да развие бел слој (наречен „fat bloom“), но и понатаму е безбедно да се консумира.
Намирници кои треба внимателно да се проверат
Млеко и млечни производи – може да траат неколку денови по истекот на рокот, но треба да ги мириснете и да ја проверите текстурата. Доколку овие производи се сè уште неотворени, поверојатно е дека ќе можат подолго да се консумираат по испишаниот датум на истекување – на пример, павлака или сирни намази.
Јајцата можат да траат неколку недели по истекот на рокот доколку се складираат правилно. Тестирајте ги така што ќе го ставите јајцето во вода – ако потоне, уште е свежо, а доколку плута, подобро е да го фрлите.
Сушено овошје и јаткасти плодови – може да траат подолго, но јаткастите плодови можат да станат горчливи – па затоа можете да ги чувате во фрижидер.
Според студиите, дури 60% од храната што се фрла сè уште е безбедна за консумирање. Организациите како што се ФАО и СЗО ја нагласуваат важноста од намалување на отпадот од храна и подобра едукација на потрошувачите за рокот на употреба.
Извор: tocka.com.mk