Договорната забрана на конкурентско дејствување или поинаку позната како конкурентска клаузула станува составен дел од договорот за вработување на се поголем број вработени.
За кои вработени се однесува?
Ако работникот при своето работење или во врска со работата се здобива со технички, производни или деловни знаења и деловни врски, може во договорот за вработување, работникот и работодавачот, да договорат забрана за вршење на конкурентско дејствување по престанување на работниот однос (конкурентска клаузула).
Колку долго може да трае?
Конкурентската клаузула може да се договори најдолго за период од две години по престанувањето на договорот за вработување и тоа само во случаите кога на работникот му престанува договорот за вработување по негова волја или вина. Конкурентската клаузула не смее да ја исклучи можноста за вработување на работникот.
Надоместок за почитување на конкурентската клаузула
Ако почитувањето на конкурентската клаузула му оневозможи соодветна заработка на работникот, работодавачот е должен за сето време на почитувањето на забраната да му исплатува паричен надоместок на работникот.
Паричниот надоместок за почитување на конкурентската забрана мора да се определи со договорот за вработување и месечно може да изнесува најмалку половина од просечната плата на работникот во последните три месеци пред престанувањето на договорот за вработување.
Престанок на конкурентската клаузула
Работодавачот и работникот можат да се договорат за престанување на важноста на конкурентската клаузула.
Ако работникот го откаже договорот за вработување, бидејќи работодавачот ги крши одредбите на договорот за вработување, конкурентската клаузула престанува да важи, ако работникот во рок од еден месец од денот на престанувањето на договорот за вработување, на работодавачот му даде писмена изјава дека не го обврзува договорот.