Првиот петок од март во САД, Канада и Велика Британија се одбележува како Ден на благодарност на вработените каде компаниите им се заблагодаруваат на своите вработени за вложениот труд и посветената работа низ целата година.
Овој неофицијален празник во западниот свет има за цел да ја зајакне врската помеѓу работодавците и вработените.
Најчесто, компаниите во овие земји го одбележуваат овој ден со тоа што им овозможуваат на своите вработени да заминат порано од работа, им даваат подароци, им организираат настани и им даваат признанија на најдобрите.
Благодарноста како клучен мотиватор
Голем број истражувања покажуваат дека признанијата и благодарноста се движечки сили на задоволството и ангажираноста на вработените. Токму затоа, се поголем е бројот на компании кои го користат овој ден да им се заблагодарат на своите вработени.
Денес е одлична можност за менаџерите, лидерите и раководителите за човечки ресурси да се потсетат на важноста на ценењето на вработените.
За прв пат, Денот на благодарноста на вработените е одбележан во 1995 година.