За жал, не секое стажирање завршува со вработување, а причините за тоа не се секогаш поврзани со вашите способности.
Вашата практична работа е речиси при крај и токму сега, се што сакате да направите е да го претворите вашиот волонтерски ангажман во работа со полно работно време, зарем не?
На крајот на краиштата, не постои ништо подобро од тоа да ја започнете вашата кариера во компанија која ви е добро позната и да се занимавате со работа што длабоко ве интересира.
Од друга страна, праксите не се погодни само за поединците кои немаат искуство. Тие се одлични и за компаниите бидејќи на овој начин тие имаат можност да забележат исклучителни личности и да проценат дали истите ќе се вклопат во организацијата.
Доколку сакате вашата пракса да заврши со понуда за вработување на полно работно време, следете ги овие шест паметни совети за да го претворите тој сон во реалност.
Дадете се од себе
Голем број практиканти не ја сфаќаат праксата сериозно па тоа се одразува на нивната работна етика и став. Клучот е во тоа да го третирате стажирањето како вистинска работа и да го дадете најдоброто од себе. Бидете свесни дека како практикант секогаш ќе бидете под надзор. Поставување прашања, почитување на рокови, професионално облекување или успешно завршување на работите – сите овие фактори се подеднакво важни. Оттука, ако сакате да го претворите стажирањето во работа, треба да оставите позитивен впечаток и да се издвоите.
Бидете проактивни
Праксата е вашето прво професионално искуство во корпоративниот свет. Затоа, потребно е да направите транзиција од студент во практикант. Повеќе не е доволно само да ги завршувате задачите на време и да се подготвувате за тестови – стажирањето е процес што бара многу повеќе од вас. Преземете ја одговорноста за вашата работа и бидете проактивни на свој начин. Идентификувајте ги пропустите и предлагајте мерки што може да ги преземе компанијата. Преземете дополнителни одговорности и секогаш барајте фидбек за да дознаете како ве гледаат другите. Секој работодавач ја цени проактивноста бидејќи тоа означува страст и вистински интерес.
Networking
Фокусирајте се да запознавате луѓе и да градите врски внатре во компанијата. Праксата е вистинското време за да ја изградите вашата репутација и да ги направите првите конекции. Започнете со вашиот непосреден претпоставен и поминувајте квалитетно време со него/неа. Во случај да има некои активности во компанијата или надвор од неа, не се плашете да земете учество бидејќи тие се едни од ретките моменти што ќе ги имате за да се поврзете со колегите надвор од работа. Градењето на силна мрежа е секогаш корисно бидејќи дури и да не ја добиете работата, никогаш не знаете кој може да ви се најде понатака во животот.
Идентификувајте ги областите на интерес
Практикантската работа ви овозможува да оцените каде се наоѓаат вашите интереси и на која работа се гледате себеси што е од суштинско значење за понатака да ги поставите вашите професионални цели. Немојте да бидете практикант кој не знае што сака да прави со себе – тоа се одразува лошо на вас и покажува недостаток на сериозност кон вашата кариера.
Изразувајте желба
Многу студенти се двоумат да го покажат својот интерес да работат во компанијата како вработен со полно работно време и често се разочарани кога стажирањето не завршува со понуда за вработување. Немојте да чекате да ви биде понудена работа бидејќи не можете да очекувате компанијата магично да дознае за вашите професионални цели и планови. Значи, кон крајот на стажирањето, разговарајте со вашиот претпоставен и искажете ја вашата желба да работите во компанијата. Кажете му каде се гледате себеси, вредноста што ќе ја додадете во компанијата и какво било вашето практиканско искуство. Направете го ова и останатото е во негови раце.
Останете во контакт
За жал, секое стажирање не завршува со вработување, а причините не секогаш се поврзани со вашите способности. Може да се случи да бидете екстремно способни, а компанијата да нема доволен буџет за ново вработување. Во таков случај, никако не губете надеж. Останете во контакт со вашиот претпоставен и со другите колеги дури и откако стажирањето ќе заврши. Можете да ги додадете на LinkedIn, да ја понудите вашата помош и да побарате од нив да ве препорачаат доколку наидат на некоја работа која е соодветна за вас. До тогаш, работете на градење на вашиот личен бренд и продолжете да барате!
Барате пракса?
Vrabotuvanje HR Solutions има потреба од Правник / Практикант во секторот за лизинг.