Новите правила важат за речиси сите апликанти за имигратнски и неимигрантски визи.
Американскиот Стејт департмент отсега ќе бара од секој кандидат кој ќе аплицира за американска виза да ги достави своите кориснички имиња на социјалните мрежи и сите претходно користени e-mail адреси и телефонски броеви.
Ова претставува големо зајакнување на “скрининг“ процесот на потенцијалните имигранти и посетители на САД, пишува порталот N1.
Со овој потег, кој тукушто стапи на сила, Стејт департментот соопшти дека ги дополнува своите формулари за имиграциски и неимиграциски визи во кои сега ќе се бара од кандидатите да внесат дополнителни информации, вклучувајќи и податоци за идентификација на социјалните мрежи.
Промената, која беше предложена уште во март 2018 година, се очекува да погоди околу 15 милиони странци кои бараат визи за влез во САД секоја година.
Националната безбедност е наш приоритет кога решаваме за визните барања, а секој потенцијален странец и имигрант во САД поминува низ детална безбедносна проверка, се наведува во соопштението на Стејт департментот.
Во соопштението се додава дека постојано се работи на наоѓање механизми за подобрување на процесот на проверка со цел да се заштитат американските граѓани.
Претходно тие податоци се бараа за лицата за кои е утврдено дека треба да поминат дополнителна проверка, како што се лица кои патувале во области под контрола на терористички организации.
Според новите правила, од апликантите за виза се бара да ги обезбедат сите налози што ги имале на социјалните мрежи во текот на изминатите пет години, е-маил адреси и телефонски броеви, статус за патувања во странство и депортација, како и да наведат дали и кој од членовите на нивното семејство учествувал во некои терористички активности.
Од овие барања единствено се изземени подносителите за одредени видови дипломатски и службени визи.