Пред да кликнете на следната Брза апликација направете „генералка“ на вашата биографија и исфрлете ги сите застарени, непотребни и небитни информации
Дали сте еден од оние кои попрво би ги натрупале алиштата во плакарот, отколку да го исфрлат она што не го носат? Какви сте кога станува збор за вашето CV? Дали и таму чувате еден куп информации што повеќе не се корисни?
Секој од нас знае барем еден "хрчак" на кого му е жал да се ослободи од некоја стара маица, скинати патики или садови во кујната кои никогаш не се користеле и со сигурност, нема да се користат.
Епа постојат исти такви "хрчаци" кои во своите CV-a кријат вистинска империја од непотребни информации за кои им е жал да ги исфрлат. Под ова ја подразбираме секоја студентска работа која траела по месец дена, сертификати од курсеви постари од десет години кои сега немаат никакво значење, да дури и темата од дипломскиот труд, стар скоро 25 години.
Логично е да претпоставивте, што повеќе такви информации чувате во вашето резиме, имате толку помала шанса вистинските работи да дојдат до израз и да ве поканат да разговор за работа. Затоа, пред да кликнете на следната Брза апликација направете „генералка“ на вашата биографија и исфрлете ги сите застарени, непотребни и небитни информации.
Но, како да знаете дали сте "хрчак" од ваков вид? Ако следниве изјави се однесуваат на вас, засукајте ги ракавите и спремете се за чистка на вашето CV.
1) Имате информации кои не додаваат вредност на вашето резиме
Главниот аргумент зошто толку непотребни информации се акумулираат во резимеата најчесто е: "Но јас работев толку напорно за да го стекнам овој сертификат / награда / признание и чувствувам дека едноставно морам да го споменам во биографијата".
Да, во право сте, сигурно сте вложиле многу труд и ве чинело многу откажувања. Но, не ја загрозувајте својата идна кариера само затоа што напорно сте работеле во минатото за да стекнете нешто. Запрашајте се: дали некогаш сте купиле нешто во продавница само затоа што трговецот ви рекол дека напорно работел за да го направи овој производ? Веројатно, НЕ. Исто така, работодавачот или менаџерот за човечки ресурси кој е во потрага по кандидати нема да избере некој само затоа што има инвестирано многу време во нешто, нему му е важно да има директен бенефит од вашиот сертификат / награда / признание. Ако тоа не е случај, изоставете ги овие информации од вашето CV и дајте им предност само на оние информации кои создаваат додадена вредност.
2) Не го пуштате минатото
Веројатно ви се чини дека „нема штета“ ако во вашата биографија ги оставите информациите стари 20 или повеќе години и дека работодавачот сам ќе ги побара информациите што му се потребнин и интересни. Верувајте дека нема.
Работодавачите и специјалистите за човечки ресурси во просек на разгледување на едно CV посветуваат меѓу 7 и 30 секунди. Значи, дали сакате работодавецот во тој период да забележи дека сте ја зголемиле продажбата на претходната работа за 30% во вториот квартал и сте воделе тим од пет лица или сакате да прочита за тоа како во 80тите сте работеле во компанија која денес не постои?
3) Не „преминувате на главното“
Постои уште еден ризик што е резултат на акумулираните информации во CV-то: работодавачите од кандидатите обично бараат "вештини за решавање на проблеми". Таков впечаток тешко може да остави некој што не може да воведе ред дури ни во својата сопствена биографија.
Биографијата не ве покажува само вас, туку и вашиот потенцијал. Ако не можете да разликувате битно од небитно во вашиот живот, како тогаш во зададени рокови ќе подготвите јасен и концизен извештај, презентација за клиентот или со неколку јасни конкретни реченици ќе го заинтересирате купувачот за производот кој треба да го продавате?
Најважно е да се има на ум дека вашата биографија не мора да вклучува сè што сте направиле во животот. Напротив, вашето резиме треба секогаш да биде прилагодена на огласот за кој конкурирате и на работодавецот. Наместо да губите време на опишување на почетоците на вашата кариера, на кои едвај се сеќавате, ставете акцент на најновите податоци, на успесите што неодамна сте ги постигнале и докажете му на работодавачот дека токму вие ги поседувате квалитетите кои тој ги бара.
Имајте на ум дека понекогаш од вишокот навистина боли глава!