Законот за работни односи строго забранува секаков вид на психичко вознемирување на работното место
Мобингот важи за честа појава во светот, но и во Македонија. Доказ за тоа се спроведените анкети од страна на синдикатите каде речиси половина од работниците во Македонија наведуваат дека се жртва на мобинг, меѓутоа во македонската судска практика се уште не е забележана ниту една пресуда со која би се потврдило вршењето на мобинг.
Законот за работни односи го дефинира мобингот како психичко вознемирување на работното место од страна на поединец или група кое често се повторува (најмалку во период од шест месеци), а претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот и предизвикува страв и создава непријателско, понижувачко и навредливо однесување, чија крајна цел може да биде престанок на работниот однос или напуштање на работното место.
Кој може да биде вршител на мобинг?
Извршител на психичко вознемирување на работното место може да биде едно или повеќе лица, без оглед на нивното својство (работодавач како физичко лице, одговорно лице или работник).
Како да се заштитите?
Вработениот кој смета дека е изложен на психичко вознемирување на работното место, треба писмено да се обрати до лицето за кое смета дека го вознемирува и да му укаже дека неговото однесување е несоодветно, неприфатливо и непожелно, со цел решавање на спорната состојба без поведување на посебна постапка и да го предупреди дека ако таквото однесување не престане, ќе побара законска заштита.
Доколку вознемирувањето на работното место не престане, вработениот може да поднесе писмено барање за заштита од вознемирување на работното место до својот работодавач. Барањето се поднесува најдоцна во рок од шест месеци од денот кога последен пат е извршено однесување кое претставува вознемирување на работното место.
На вработениот кој врши мобинг, работодавачот може да му изрече една од мерките за непочитување на работниот ред и дисциплина, а доколку во рок од шест месеци повторно се изврши вознемирување, работодавачот има право да му го откаже договорот за вработување, односно да му изрече мерка престанок на работниот однос, согласно со закон.
Судска заштита
Во случај вработениот да не е задоволен од исходот на постапката за заштита од мобинг, може да поднесе тужба до надлежен суд. Со тужбата, вработениот кој смета дека е изложуван на вознемирување на работното место може да побара:
- Утврдување дека претрпел вознемирување на работно место;
- Забрана за вршење на однесувања кои претставуваат вознемирување на работно место, односно забрана за повторување на вознемирување на работно место;
- Преземање на дејствија заради отстранување на последици од вознемирување на работното место; и
- Надоместок на материјална и нематеријална штета причинета со вознемирување на работното место.
Целиот товар на докажувањето дека немало конкретно однесување кое претставува вознемирување на работното место е на страна на тужениот.
Казни
Парична глоба во износ од 5.000 до 6.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на работодавачот како правно лице, доколку се утврди дека:
- Врши вознемирување на работно место и го злоупотребува правото на заштита од вознемирување на работно место;
- Не ги преземе потребните превентивни и други мерки за заштита на вработениот од вознемирување на работното место;
- Не го запознае вработениот пред стапување на работа и вработените кои се во работен однос со забраната за вршење на вознемирување на работно место, обврските и одговорностите во врска со вршење на вознемирување на работно место, начинот и можностите за заштита.