Појасот е примарната заштита во автомобилот која што ја обезбедува функционалноста на воздушното перниче
Тестот на “ADAC” покажа дека за безбедноста на возачот и патниците, најважно е исправното седење во автомобилот и врзувањето со безбедносен појас.
Се што е останато (воздушни перничиња, заштитен кафез и слично) има целосна ефикасност само со правилно седење, подесени потпирачи за главата и исправно врзување со појас. Возачот и совозачот кои што не се врзани, совозачот кој што не седи исправно, детето на задното седиште кое што не е сместено во посебно седиште или воопшто не е врзано, ризикуваат тешки повреди и во најсовремените автомобили.
Креш тестот според Euro-NCAP стандардите направен со два Фолксваген Голф автомобили, при брзина од 64 километри на час и фронтален судир, го симулирал најчестиот вид на судири и потврдил дека врзувањето со појас е најважно за безбедноста на патниците.
Секако, тестовите биле извршени со кукли за тестирање, а во случај на исправно седење и врзување, покажале дека возачот и патниците би поминале без повреди. Лицата кои што во истиот автомобил, при исти услови на судир не биле врзани со безбедносен појас или не седеле исправно, доживеале тешки, па дури и опасни по живот повреди.