Семеен ден во Дрекслмајер
Илјадници гости, вработени во Дрекслмајер, но и нивните најблиски минатата недела беа дел од традиционалната семејно-компаниска забава. Кавадарци, 02. октомври 2019 година – Големото Дрекслмајер семејство годинава по третпат прославуваше „Семеен ден“ во компанијата.
Минатата недела компанијата Дрекслмајер беше исполнета со детски џагор и весела атмосфера. Вработените ги донесоа своите семејства во фабриката, каде ги очекуваше целодневна забава и разонода. Програмата беше исполнета со разновидни и интересни содржини за сечиј вкус, почнувајќи од најмалите па до оние повозрасните.
За доброто расположение и веселата атмосфера се погрижија музичките ѕвезди Влатко Лозаноски, групата „Љубојна“ и Симона Поповска, а гостите низ програмата ги водеа актерите Гораст Цветковски и Зоран Љутков.
Покрај музичкиот дел, присутните имаа можност да го проверат своето знаење за компанијата во која работат, учествувајќи во награден квиз. Оние најуспешните, дома си понесоа и награди. Секако тука беа и спортските игри во кои учествуваа дел од вработените, каде имаа можност да го зајакнат и тимскиот дух.
Особено интересна за посетителите беше и организираната обиколка во производствените хали на компанијата. Членовите на семејствата на вработените добија можност да видат каде нивните најблиски го поминуваат својот работен ден.
„Поминавме прекрасен ден исполнет со забава и многу интересни содржини, особено за децата. Дојдов со моите внуци, кои се чувствуваа како во луна парк. За нив ова беше незаборавно доживување“, ни раскажа Калина Ристова, вработена во Дрекслмајер. Бобан Наков, се надоврза : „Интересен ден со програма за сечија возраст. Моето семејство имаше прилика да види каде го поминувам работното време. Особено интересна им беше прошетката низ производствените хали, каде им раскажував за нашите компаниски процеси.“
Не беше заборавен и едукативниот момент за најмалите. Работилницата за практична настава наменета за учениците од програмата за дуално стручно образование беше претесна да ги собере дечињата кои изработуваа свои креации од остатоци од материјалите што се користат во производствениот процес.
Покрај забавата, гостите уживаа и во традиционални баварски специјалитети приготвени специјално за нив.
„Среќен сум што голем дел од вработените заедно со своите семејства беа присутни на настанот и вистински се забавуваа. Тие се за нас столбот на компанијата и ме радува тоа што заедно поминавме еден поразличен ден, кој веќе стана и наша традиција“, рече Лукас Мирингер, генерален директор на Дрекслмајер.