На 10-та јубилејна конференција DRIVE одржана во Сараево најголемо внимание привлече Панел дискусијата на која акцент беше ставен на тоа како да се задржат квалитетните кадри, како да се мотивираат вработените, кои се клучните причини зошто толкава работна сила се одлева во странство и дали постои можност за спречување на тој миграциски бран.
На панел дискусијата присуствуваа менаџерите на најголемите сајтови за вработување во регионов Дарко Велков (Vrabotuvanje.com), Игор Зоња (MojPosao – Хрватска), Нермана Ајановиќ - Хајдарпашиќ (Posao.ba - Босна и Херцеговина) и Милош Турински (Poslovi.Infostud - Србија).
Панелистите се согласија дека сите земји од регионов се соочуваат со ист проблем, а според нив решението на тој проблем не е едно, туку е збир на повеќе решенија преку кои треба да се стигне до крајната цел - Задоволни вработени.
Миграцијата на работниците е нормална работа, но она што се случува сега е скоро еднакво на апокалипса. „Како дојдовме до оваа ситуација?“ - беше првото прашање кое им се постави на панелистите.
Дарко Велков сопственикот на Vrabotuvanje.com даде свое видување:
-Сметам дека зад миграцијата се кријат повеќе фактори. Имаме луѓе кои мигрираат заради желбата за поквалитен живот, а имаат недостаток на компетенции. Оваа група на луѓе најчесто не е подготвена да излезе од зоната на комфорот и да го унапредува своето знаење и компетенции. На пр.работникот не сака да се унапредува и да остане во средината во која живее, туку со она што го знае (најчесто е физичката работа) оди во странство каде заработката е многу поголема. Потребата од брза заработкае она што ги тера да преземаат ризични решенија, кои прават огромни промени на пазарот на труд.
Но, постојат и компетентни луѓе кои си заминуваат од земјата не поради платата, бидејќи генерално се задоволни од тоа што го заработуваат во својата земја, но се во потрага по поквалитетен живот. Многумина заминуваат не гледајќи никакво унапредување на целокупната еколошко-технолшка како и економско-политичка ситуација во земјата во која живеат.
Ако треба да ги дефинираме со по еден збор, факторите кои ја прават оваа миграција се: персонални, регионални и светски.
Игор Зоња од Хрватски Мој Посао излезе со податок дека по влегувањето на Хрватска во ЕУ, од земјата се иселиле околу 600.000 луѓе во потрага по подобар живот. Тој нагласи дека невработеноста не е причината заради која тие луѓе си заминуваат, со оглед на фактот дека денес Хрватска има само 8% невработеност. Додаде дека проблемите се комплексни, а пред се се осврна на тоа дека најголемите прични за иселувањето во Хрватска се недовербата во власта, заради немање на реформи во јавниот секор и здравствениот ситем, како и недовербата во судскиот систем.
Ситуацијата во Србија не е воопшто поразлична. Милош Турински од Poslovi.Infostud, изрази загриженост и потенцираше дека иселувањето на Србите сега е тренд, но она што е загрижувачко се очекувањата дека од 1 Јануари 2020 тоа ќе стане еднакво на епидемија. Владата во Србија изгласала закон кој им овозможува на Србите да можат слободно да работат и да бидат пријавени во Словенија и Германија и нема да им биде потребна дополнителна документација...
Турински го сподели податокот дека лани од Србија заминале 60.000 луѓе.
Како земјите од регионот се справуваат со недостаток на луѓе?
Хрватите велат дека годинава увезле 60.000 сезонски работници, најчесто од околните земји во регионот. Но, ситуацијата е дојдена до тој степен, да потрагата треба да се прошири во Украина, Албанија и Азиските земји. Просечниот број на апликации по оглас во Хрватска во изминативе години бил 125, денес тој број е драстично намален на 25.
Како да се дојде до повеќе работници и дали зголемување на платата е решение?
Нермана Ајановиќ - Хајдарпашиќ од Posao.ba - БиХ излезе со податок дека платата не е пресудна во задржувањето или привлекувањето на кадри. Овој податок го поткрепи со резултатите од истражувањето кои покажале дека на луѓето до 30 години најважна им била платата, додека на оние над 30 години условите за работа и квалитетот на живот.
Велков предложи... Можеби да се размислува младите веќе од 15 години да почнат да работат за време на распуст, за да им се создадат работни навики, а сето тоа мора законски да се регулира, така би добиле и една категорија на млади кои сепак имаат искуство, нешто што го бара секој работодавач.
Дали тие кои се веќе заминати во странство може да се вратат?
Игор Зоња, Мој Посао: Само ако се подобри општата ситуација. И вербата во правниот систем, економијата и политиката. Сигурноста на луѓето им е нарушена. Владата мора да размислува многу повеќе за изнаоѓање на конкретни решенија, а не на привремени мерки.
Милош Турински од Poslovi.Infostud: Компаниите мора повеќе да вложуваат во својот бренд како работодавач, факт е дека денес не е лесно да се задржи вработен. Ако порано важело правилото Ако не сакаш ти има кој сака, сега не може да се најде друг за замена...
Мора да се внимава на вработениот. Платата не е пресудна, важен е и односот кон вработениот, сигурноста и самото чувство на припадност кое го има работникот кој влегува во таа компанија.
Што се однесува до побарувањата и трендовите на пазарот: Новите трендови се случуваат главно во ИТ индустријата, со влезот на големи ИТ компании, но важна да се спомене е и потребата од општи работници, работници во услужни дејности и физички работници.