Побарувачката за работници во Германија значително опадна во октомври како резултат на намалување на економската активност во земјата, објави во вторникот Федералната агенција за вработување (BAA).
Индексот BA-X кој ја следи побарувачката за работна сила опадна за пет поени во октомври 2019 година, а вредноста на истиот во септември изнесуваше 232 поени. Споредено со октомври 2018 година, неговата вредност е намалена за 22 поени.
Тренд кој трае во последните четири месеци
Загрижувачки за германските власти е тоа што вредностите на BA-X индексот покажуваат помала побарувачка за работна сила четврти месец по ред.
Падот на побарувачката во изминатите месеци е особено видлив во категоријата вработување на определено време и во дејностите: трговија на мало и транспорт и логистика, истакнуваат од агенцијата.
За некои работодавци нема криза
И покрај ваквиот тренд, работодавците од секторите кои се помалку засегнати од моменталната состојба на германската економија, како на пример: државната управа, социјалната и здравствената заштита и образованието, продолжуваат да бараат работници.
Индексот BA-X се темели на податоци за слободни работни места во компаниите. Како репер се земени податоците од 2004 година кога неговата вредност изнесува 100 поени.