Во своето претставништво во Јапонија, Microsoft направи смел потег во обид да ја подобри рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот воведувајќи тридневен викенд за своите вработени во период од еден месец. На 9 од 10 вработени им се допаднално новото работно време, а компанија ќе го повтори истото и во 2020 година!
Microsoft Јапонија во текот на летниот период спроведе “Проект за реформа на работењето“ со кој на сите 2.300 вработени им овозможи да имаат слободен петок во времетраење од еден месец.
Најдобриот дел е во тоа што овој “екстра слободен ден“ не дојде на штета на останатите слободни денови кои им следуваат на вработените.
По завршувањето на проектот, резултатите покажале дека продуктивноста на вработените се зголемила за неверојатни 39.9 проценти.
На 9 од 10 вработени им се допаднало новото работно време
Бројките покажале и дека вработените искористиле за 25.4 проценти помалку слободни денови во месецот и потрошиле за 23.1 процент помалку електрична енергија во канцеларија што и заштедило пари на компанијата.
Голем дел од зголемувањето на продуктивноста се препишува на промена на природата на состаноците. Повеќето од нив биле скратени или виртуелни.
Покрај тоа, 92.1 процент од вработените изјавиле дека им се допаѓа четиридневната работна недела по завршувањето на проектот.
Microsoft планира да го повтори проектот во 2020 година
Поради успехот на проектот, Microsoft планира истото да го направи и следното лето, како и во другите периоди од годината.
Со ова, Microsoft Јапонија покажа дека и со четири работни дена не само што може да се завршат сите обврски предвидени во традиционалната работна недела, туку и може да се покажат уште подобри резултати во поглед на продуктивноста на компанијата и задоволството на вработените.
Најновите огласи, вести и совети за барање работа следете ги и на Vrabotuvanje.com Linkedin профилот!