Ви благодариме што сте воВонреднаОДГОВОРНИ, за сите нас!
Во време на паника, страв, ригорозни мерки, трка да се стигне до маркетите и да се набави се и да се направи залиха „за не дај Боже“, ве повикуваме да застанете за момент и сите заедно да им кажеме големо БРАВО и БЛАГОДАРАМ на хероите кои стојат зад касите. Изложени на стотици потрошувачи дневно, на притисок, гужви и огромен обем на работа, тие се вистински херои на ова време.
Браво и за хигиеничарките, за возачите, магационерите, оние кои непречено редат роба на рафтовите, за менаџментот на маркетите. Браво и за вашите трпеливи семејства, кои ве чекаат да се вратите, здрави и живи.
Нашите маркети будно ги следат препораките, известуваат активно за сите настанати промени, полнат рафтови, апелираат до потрошувачите да држат растојание и да се однесуваат одговорно.
Ви благодариме што сте воВонреднаОДГОВОРНИ, за сите нас!
Еве како нашите маркети се справуваат со новонастанатата ситуација (сите фотографии се превземени од официјалните Facebook страни на маркетите):
ВЕРО МАРКЕТИТЕ, согласно најновата мерка за ограничување на движењето на граѓаните што вчера ја донесе Владата, Веро воведува ново работно време од 8 до 19 часот секој ден.
Дополнително, Веро воведува и повластен термин во денот за пазарување во кој приоритет за влегување во маркетот и на каса ќе имаат пензионери, бремени жени, инвалидизирани лица, за да им овозможи поголема заштита на најранливите категории граѓани и да се избегне нивното изложување на поголем ризик.
И покрај скратеното работно време, Веро маркетите продолжуваат нормално да функционираат
Во маркетите има доволно залихи од основните производи, а редовното снабдување се одвива без никаков застој во соработка со добавувачите.
Хигиенската превенција се одржува на највисоко ниво така што маркетите комплетно се чистат секојдневно, а во текот на денот постојано се дезинфицираат количките и корпите за пазарување, просторот кај касите, полиците и останатите најизложени делови од маркетите.
РАМСТОР Маркетите превземаат целосни мерки за заштита и дезинфекција и објавија дека работат со полн капацитет, со целиот свој тим од 750 вработени ширум земјава.
ТИНЕКС објави дека со цел зголемување на безбедноста и почитување на превентивните мерки за ширење на COVID-19, во нивните маркети на секои 2 часа се врши редовна дезинфекција на сите колички и корпи за пазарување и дезинфекција на подовите и површините кои се во допир со потрошувачите како кваки на влезни врати, врати на фрижидери и услужни пултови. Дополнително поставени се и ознаки за одржување на минималното растојание помеѓу потрошувачите при чекањето ред на касите за наплата.
Еве како КАМ Маркетите се справуваат со екстремно зголемениот обем на работа:
РЕПТИЛ Маркети апелираат „Да бидеме одговорни, да ги почитуваме мерките и препораките, да се заштитиме себе и другите!“
Жито Маркети апелираат: Пазарете одговорно, држете безбедно растојание. Заеднички да придонесеме за доброто на сите. Од нас зависи! Браво за нив и нивните херои!
Киппер Маркет објави дека целосно се придржуваат до мерките за заштита од коронавирусот, се грижат за здравјето на своите потрошувачи и вработени. Официјално објавија и дека во нивниот маркет нема да има никакво покачување на цените со оглед на ситуацијата.