Ко-основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, во средата ги повика луѓето да останат смирени во пресрет на пандемијата на коронавирусот
Во сесијата “Прашај ме нешто“ на форумот за дискусии “Редит“, Бил Гејтс беше запрашан колку долго ќе трае “ова“ што ни се случува во моментов.
Ако земјата направи добра работа со тестирање и се изолира, тогаш во рок од 6 до 10 недели бројот на случаеви ќе биде многу мал со што работите ќе продолжат да функционираат како претходно, стои во неговиот одговор.
Бил Гејтс е веќе подолго време фокусиран на здравствените прашања, како дел од неговата работа во непрофитната фондација Бил и Мелинда Гејтс. Коментарите доаѓаат неколку дена откако Бил Гејтс изјави дека ги напушта одборите на Мајкрософт – компанија која ја основаше во 1975 година и Беркшир Хатавеј – инвестициски фонд на милијардерот и негов пријател Ворен Бафет.
На Редит, Гејтс образложил што точно значи изолирањето.
“Во моментов имаме голем број на нови заразени во богатите земји. Со правилни чекори кои вклучуваат тестирање и социјално дистанцирање во рок од 2-3 месеци богатите земји би требало да избегнат високи нивоа на инфекција“, напиша Гејтс додавајќи дека е особено загрижен за штетите што би ги претрпеле земјите во развој кои не можат да ги спроведат мерките со ист интензитет како и богатите земји.
Тој рече дека луѓето треба да останат мирни и покрај околностите, како одговор на прашањето за тоа што можат да направат Американците за да им помогнат на останатите.