Европската комисија ги повика компаниите кои се соочуваат со проблеми поради кризата со Ковид-19 да не оптуштаат работници и предложи нов концепт за државна поддршка.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека ЕУ подготвува иницијатива за поддршка на компаниите ширум Унијата кои продолжуваат да ги плаќаат своите вработени, иако кризата го намали нивниот приход.
Според нејзините зборови, иницијативата предвидува воведување на државна помош за краткорочно работење.
Идејата е едноставна. Ако нема нарачки и компаниите останат без работа за време на привремената криза предизвикана од Ковид-19, тие не треба да отпуштаат работници. Тие треба да продолжат да вработуваат луѓе и во услови на помал обем за работа. Во ова време, работниците ќе имаат повеќе време за да совладаат нови вештини од кои ќе имаат корист лично тие, но и компанијата во која работат, објаснува фон дер Лајен.
Таа потсетува дека за време на економската криза во 2008 година, земјите-членки на Унијата имаа сличен инструмент што им помогна на милиони работници да ги задржат работните места, а на компаниите да ја надминат кризата.
На овој начин луѓето нема да останат без пари. Ќе можат да продолжат да плаќаат кирија и да купат се што им е потребно, а сето тоа ќе има позитивно влијание на економијата, објаснува фон дер Лајен.
Претседателката на Европската комисија додава дека овој вид на помош ќе им биде достапна и на најпогодените земји на Унијата како Италија и Шпанија.
Ова е европската солидарност на дело. Го правиме ова за Италија, за Шпанија и за сите други земји. Се работи за иднината на Европа, заклучи фон дер Лајен.