Иако на некои им е природно и сосема нормално работењето од дома, има и такви кои поради коронавирусот се прилагодуваат на новонастанатите услови и се принудени дел од својот дом да го трансформираат во мини – канцеларија.
За да биде населението безбедно и да се спречи ширење на вирусот, здравствените власти препорачуваат седење дома. Оние професии коишто го овозможуваат тоа сега ги ставаат на тест вработените и им даваат прилика да се прилагодат кон овој начин на работа од далечина.
Работата од дома има свои предности, нуди поголема флексибилност, заштедува време, бидејќи не патувате и од дома до работа и обратно, а штеди и на гардероба, трошоци за храна…
Но, интеракцијата што се остварува со колегите, можноста за соработка, бреинсторминг, состаноци… сето тоа сега го нема во физичка, туку само во виртуелна смисла. Најважно од сè е да ја задржите комуникацијата со колегите и претпоставените, да споделувате што работите, да продолжите да барате совети и мислења од колегите исто како што тоа го правевте кога бевте во иста канцеларија.
Иако е време на криза во којашто и бизнисите се борат за опстанок, сепак е добра прилика тимот да се обедини како никогаш досега, да нема разлики меѓу лидерот и членовите на тимот.
Гледајте ги работите од позитивната страна. Сега барем нема да ви паѓа тешко кога ќе дојде понеделник, бидејќи работните задачи ќе ги извршувате во вашата домашна канцеларија, во омилената фотелја, слушајќи ја омилената музика. Ќе немате контакт со колегите што ви “танцуваат“ по нервите, со кои не се согласувате најдобро.
Искористете го овој период, да научите нови вештини, да го преиспитате своето искуство и знаење, да поработите на развој на нови алатки за подобра комуникација, полесно да се справите со ситуацијата што носат стрес.
Почитувајте ги препораките, останете дома и искористете го времето поминато дома за сопствена надградба, доусовршување и подобрување. Кога ќе заврши оваа пандемија, би требало сите да извлечеме заклучок за основните човечки вредности што како да се загубија, па овој злокобен вирус на најлош начин нè потсетува на нив.