Австрија е првата европска земја која најави олабавување на строгите мерки воведени поради пандемијата на коронавирусот.
По Велигден, Австрија најави дека ќе започне постепено да ги отвора малите продавници (продавници до 400 метри квадратни), а тоа го потврди и австрискиот канцелар Себастијан Курц.
Со ова, Австрија е и првата европска земја која најави олабавување на строгите мерки наменети за спречување на пандемијата предизвикана од Ковид 19.
Овој потег доаѓа откако интензитетот на епидемијата во последните неколку денови се намали. Имено, бројот на оздравени од Ковид-19 веќе неколку денови е поголем од бројот на новозаразени.
Помалите продавници и градинарските центри ќе се отворат од 14 април, изјави Курц на прес-конференцијата пред новинарите.
Тој кажа и дека сите продавници, трговски центри и фризерски салони ќе бидат отворени од 1 мај, додека рестораните и хотелите ќе продолжат со работа кон средината на мај.
Одлуката за отворањето на училиштата е се уште неизвесна и истата ќе се донесе од крајот на април.
Планираниот матурски тест ќе се одржи овој семејстар, но наставата нема да започне пред средината на мај.
Јавните настани остануваат забранети до крајот на јуни, а по Велигден, освен во продавниците, задолжително е носење на заштитни маски и во јавниот превоз.