Уредбата за користење на годишниот одмор која стапи на сила од 4 април 2020 година, предвизвика конфузија во толкувањето не само кај вработените и приватните компании, туку и помеѓу Државниот инспекторат за труд и Сојузот на синдикатите на Македонија.
Во Уредбата која на 4-април беше објавена во Службен весник, пишува дека работниците вработени во приватниот сектор опфратени од временските мерки за заштита од ширење и превенција од Коронавиурс COVID-19, неискористениот дел од годишниот одмор, односно неискористениот годишен одмор од календарската 2019 година, да се искористи до 31 мај 2020 година, согласно потребите на работниот процес и одобрение на работодавачот.
Што се однесува на новиот одмор, во членот 3 од Уредбата стои: за работниците вработени во приватниот сектор опфатени од времените мерки за заштите од ширење и превенција од Коронавирус COVID-19, делот од годишниот одмор за 2020 година кој мора да се искористи во траење од две непрекинати недели, да го искористат до 30 јуни 2020 година, согласно потребите на работниот процес и одобрение на работодавачот.
Меѓутоа, како што пренесува порталот А1 он, од Државниот инспекторат објаснуваат дека уредбата за користење на стариот одмор до 31 мај 2020, односно првата половина од новиот одмор до 30 јуни 2020, важи само за вработените во приватните компании кои ја користат мерката за чување на дете до 10 години, бремените жени и вработените со хронични болести кои веќе останаа дома поради епидемијата од коронавирусот.
Уредбата не важи за сите вработени во приватните компании туку само за оние кои сега користат некоја од мерките за родители на деца до 10 години, бремени жени или хронично болни и веќе седат дома. Оваа Уредба е всушност само олеснување за приватниот сектор за да не се доведат во ситуација да мораат двапати да им даваат одмори на дел од вработените. За да не се случи оние кои сега седат дома веднаш откако ќе заврши мерката да побараат одмор па работодавачите да мораат двапати да ги пуштат на платен одмор, појаснува Злате Стојановски, раководител во Државниот инспекторат за труд.
Вработените кои не користат некоја од мерките на Владата за спречување на шиењето на коронавирусот, годишните одмори може да ги користат како и досега, односно стариот одмор од минатата година да го искористат заклучно со јуни, а првиот дел од новиот одмор до крајот на годината.
Компаниите кои поради работниот процес нема да имаат можност да им дадат одмор на вработените, одморот треба да им го платат.