Владата на седница одлучи да се запрат постапките за пензионирање на здравствените работници за време на вонредната состојба поради коронавирусот. Одлуката е донесена на предлог на Министерството за здравство.
Од Владата појаснуваат дека пензионирањето се одложува за време на траењето на вонредната состојба, во случај на стекнување право на старосна пензија, кога ќе наполни 64 години за маж, односно 62 години за жена согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување за време на вонредна состојба, или кога ќе наполни 64 години, односно кога со писмена изјава до работодавачот побарал да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст согласно Законот за работните односи.
„Согласно оваа уредба, почнатите постапки за престанок на договор за вработување или договор за продолжување на вработувањето на здравствен работник, односно здравствениот соработник, поради возраст, се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба“, се наведува во соопштението.