По објавувањето на уредбата во Службени весник, денес стапи на сила задолжителната обврска за носење на заштитна опрема со која се обврзуваат сите граѓани на територија на Македонија.
Со уредбата, секое физичко лице е должно да носи заштитна опрема на лицето при излегување од домот, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазар, во јавен превоз или при влез во затворени простории во кои не може да се одржува дистанца од 2 метри, како што се државни институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени институции и слично.
Со уредбата се утврдува и дека сите домашни и странски правни лица се должни да обезбедат носење на лична заштитна опрема на вработените и да забранат влез и движење на посетителите кои нема да носат лична заштитна опрема.
До 30 април во случај на прекршување на одредбите од уредбата ќе се изрекуваат опомени, а потоа ќе се изрекува глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност за секое физичко лице и од 2.000 евра за секое правно лице. На одговорното лице во компанијата или претпријатието, ако постапува спротивно на одредбите од уредбата, ќе му биде изречена глоба во износ од 1.000 евра во денарска противвредност.