Дали за некој што има сопствен став, изграден карактер, добро однесување, манири… може да се каже дека е харизматичен? Секако дека да, но во што лежи тајната на луѓето кои ја поседуваат харизмата? Дали тоа се луѓе кои се родени да “блескаат“ каде и да се појават и да бидат успешни во тоа што го прават? Или можеби сето тоа е одраз на нивното искуство, желба за учење, постојана потрага по нови и непознати работи. Не е секој роден да биде лидер, велат луѓето, но оној кој го носи тоа во себе и постојано го надградува, тогаш не постои сила што би му застанала на патот.
Затоа, доколку се прашувате што прават харизматичните луѓе за да зрачат со посебна енергија на којашто некој тешко може да остане рамнодушен, еве неколку нивни постапки:
Внимателни се
Ако шефот внимава на своите вработени, се грижи да им ги обезбеди потребните услови за работа, им нуди можност да се развиваат, да стекнуваат нови искуства, им дава поддршка, ги разбира… тогаш не може, а да не се забележи харизмата што ја поседува. Ваквите луѓе се препознаваат по тоа што не “газат“ сè пред себе, туку имаат силни чувства за луѓето со кои работи.
Човек пред сè
Без оглед на тоа дали некој е претпоставен, одговорен или сопственик на некој бизнис, тој е човек како и сите останати. Има и доблести има и маани, па така кај харизматичните луѓе човечноста посебно се цени. Сакаат да подадат рака, да помогнат, не забораваат од каде почнале, не потценуваат, ниту се преценуваат. Таквиот однос кон вработените, соработниците и клиентите само ја покажува нивната големина, на којашто сите се восхитуваат. Добриот шеф не треба да биде “страв и трепет“, туку да има разбирање, но и да постави граница до којашто може да се толерира, бидејќи низ секојдневната работа среќава и соработува со најразлични луѓе.
Тоа не може да се одглуми
Харизматичните луѓе тоа го носат во себе, а сите оние кои сакаат да се допаднат некому или сакаат да одглумат, тоа веднаш се забележува. Вистинската харизма се препознава преку искрен и непосреден однос, желба да се помогне, потреба да се направат работите подобро, да им се понуди најдобрата можност на сите, без себичност, големо его или некоја друга задна намера.
И на крајот, нема ништо поважно од тоа човек да стои цврсто на земја, да знае колкави се неговите можности и да биде секогаш подготвен да научи нешто ново. Харизмата не е лекција што може да се научи или книга што може да се прочита, но и те како може да ја создаде оној кој сака да биде подобар не само за себе, туку и за луѓето со кои работи.