Дизниленд во Шангај се отвора по четири месеци, откако кон крајот на јануари беше затворен поради епидемијата на Ковид-19 во земјата. Билетите за отворањето се продадоа за неколку минути. Тематскиот парк ќе применува мерки за безбедност, како примање ограничен број посетители.
Паркот Дизниленд во Шангај е првиот парк на Волт Дизни што се затвори поради пандемијата. Неговото повторно отворање е обид за финансиско закрепнување на компанијата, којашто изгуби 1,4 милијарда долари од профитот изминатиот квартал.
Засега парковите на Дизниленд во САД, Хонг Конг и во Париз остануваат затворени, иако компанијата минатата недела изјави дека планира да отвори одредени продавници и ресторани во Орландо, Флорида, на 20-ти мај.
Ситуацијата во Шангај е поинаква, а распродажбата на билетите покажува дека жителите на Кина се подготвени да се вратат на нормалниот живот. Сепак, во паркот ќе се почитува социјална дистанца и ќе се спроведува почеста дезинфекција, велат од компанијата. Одредени делови од паркот ќе останат затворени.