Милиони Американци ги загубија своите работни места откако пандемијата на коронавирусот ја погоди земјата.
Сепак, на нив им следува значителна финансиска заштита во време на кризата.
Многумина од нив, всушност ќе добијат повеќе пари од бирото отколку тоа што претходно го добивале од нивниот работодавач. Меѓу нив се и оние кои ќе добијат двојно поголема сума од износот на претходните плати.
Претходно, американските власи донесоа пакет мерки за помош на економијата и граѓаните во вредност од 2.2 милијарди долари, во кој се вклучени и дополнителни надоместоци за невработените.
Според анализата на Ноа Вилијамс, директор на Центарот за економски истражувања на Универзитетот Висконсин-Медисон, околу 40% од работниците би можеле теоретски да заработат повеќе додека се невработени отколку што би заработиле ако се вратат на работа.
Регулативата позната како „Акт за грижа“ ги зголеми надоместоците за невработени на неколку начини. Имено, зголемени се неделните надоместоци, нивното времетраење и го прошири бројот на луѓе кои можат да ги добијат, како што се самовработените.
Според законот, невработените добиваат дополнителни 600 долари неделно, пари кои доаѓаат од буџетот на федералната влада.
Ова е надополнето со бенефициите за невработеност што обично секоја поединечна држава им ги исплаќа на работниците, а чијшто износ варира од држава во држава, па така на пример, просечниот работник во повеќето од половина држави заработува повеќе кога е невработен отколку кога оди на работа.
Експертите пресметале дека работниците кои се вработени во ресторани за брза храна, сега ќе добијат 219 проценти или двапати поголема сума од таа што ја добивале додека биле на работа.
Нивните плати во просек изнесувале 11 долари на час.
Просечниот угостителски и хотелски работник, кој заработувал 13.45 долари на час, сега ќе има 182 проценти од приходот, нешто помалку од двојно повеќе од износот што го земал додека работел.
Од друга страна, оние кои заработувале многу повеќе пред кризата, сега ќе имаат помалку пари на располагање во споредба со нивната редовна плата.
Целта на владата е невработените лица во просек да имаат ист износ на пари на располагање како и во периодот кога оделе на работа.
Неделниот додаток од 600 американски долари за невработените трае до крајот на јули.
Од почетокот на кризата, околу 33 милиони Американци останаа без работа.