Италија планира на улиците да испрати околу 60.000 доброволци кои би внимавале на одржување на правилата за физичка дистанца и да ги предупредуваат луѓето да ја почитуваат оваа мерка за превенција од пандемијата на коронавирус во фаза на укинување на карантинот и олеснување на рестриктивните мерки.
Министерот за регионални работи, Франческо Боча го најави ваквиот план поради зголемените стравувања дека луѓето не се придржуваат до мерката за дистанца и опасно се приближуваат едни до други на плажите, во баровите и на јавните плоштади. Волонтерите ќе делуваат под името цивилни помошници и ќе носат сини маици, a од опрема, како што наведе тој, ќе “носат“ сила на убедување, аргументи и насмевка.
Повикот за волонтери приоритетно ќе им биде упатен на невработените и корисниците на социјални примања, а ќе биде објавен во текот на неделата од страна на Агенцијата за цивилна заштита.