Стапи во сила протоколот според којшто од денеска хотелите повторно може да примаат гости. Хотелските капацитети беа затворени со мерките за спречување на ширењето на вирусот Кови-19, пишува МИА.
Со Протоколот се уредуваат процедурите за хотелско-сместувачкиот дел на објектите, препораките и мерките за прием и сместување на гостите, ресторанските процедури, употребата на тоалетите, како и препораките за гостите и за постапување при појава на случај со симптоми на Ковид-19.
Процедури за хотелскиот дел
На хотелиерите им се наложува да обезбедат дезинфекциска бариера за обувки пред влезна врата и пулт за дезинфекција на раце. Задолжително е носење заштитна маска од страна на гостите и вработените, мора да има монтажна преграда (шалтер) на рецепција од проѕирна пластика или стакло со отвор во долниот дел (само за манипулирање со клуч и документи), а хигиена на јавните простории и собите со средство кое делува на вируси мора секој ден да се одржува. Обврзно е и редовно проветрување.
Посочено е и плаќање со кредитна картичка како степен на заштита за да се намали ризикот од трансмисија на инфекцијата.
Се препорачува и во холот при влезот да биде истакната Welcome табла со разбирлив текст за чекорите и препораките кои треба да се почитуваат за време на престојот (носење заштитна маска и дезинфекција на раце), а на рецепцијата ако пултот не е доволно широк да се обезбеди растојание од 1,5 до два метра. Монтажната преграда од проѕирна пластика може да биде заменета со дополнително носење визир од страна на рецепционерот.
“Гостите треба да пристапуваат до рецепцијата поединечно или во број што, во зависност од големината и распоредот на просторијата, оневозможува средби, а дозволува доволно меѓусебно растојание. За тие што чекаат, треба да се воведат подни патокази или столпчиња за ограничување на приодот. Давателите на услуги треба да ги отстранат предметите што ги допираат повеќе гости (играчки, списанија), а гостинот заедно со клучот треба да добие флаер со совети за заштита и протокол за неговиот престој дефиниран од внатрешен тим на хотелот. Во собите за сместување и на рецепцијата се поставува средство за дезинфекција на рацете, а текстилните украсни елементи на тапацираниот мебел и креветот се отстрануваат (перници, ленти, украсни прекривки)“, стои во Протоколот.
Може да се нудат единечни или двојни соби со прилагодувања, а во објектите со повеќе кревети дозволено е сместување гости само од едно домаќинство.
“Персоналот мора да стави посебен нагласок на чистење и дезинфекција на предмети што ги допираат голем број раце (на пр. ограда на скали, прекинувачи, рачки, дршки, куки, копчиња во лифт). Во случај на повеќедневно престојување на гостинот во сместувачкиот капацитет возможно е дневно чистење од страна на персоналот само доколку гостинот изрично посака. При чистење на повеќе сместувачки капацитети, мора да се води грижа да не се пренесе вирусот од еден сместувачки капацитет на друг преку заразена облека или заштитната опрема на персоналот. Се препорачува да се приспособат постапките на чистење така што би се спречило такво пренесување (употреба на заштитна облека/скутници за една употреба, промена на заштитната облека секој пат)“, пишува во Протоколот.
Ресторански процедури
Протоколот во делот на ресторанските процедури не дозволува служење храна на шведска маса. Не е дозволено ниту послужување гости на стоење на шанк и стоечки маси.
Вработените во угостителскиот објект кои послужуваат задолжително треба да носат заштитни маски и често да одржуваат хигиена на раце, а дезинфицирање на масата и столовите пред секој оброк и по завршување е задолжително.
Масите треба да се прекриени со хартиени или најлонски чаршафи за еднократна употреба или ако се користат стандардни чаршафи, тие да се перат по секој послужен гостин. Масите не треба да бидат претходно сервирани (доколку објектот има услови да постави средство за дезинфекција на секоја маса – доколку не, гостите може да го користат средството за дезинфекција поставено на влезот од ресторанот според препораките на СЗО).
“Каранфинглата и приборот кој претходно се дезинфицирани на масите се поставуваат по седнувањето на гостите, приборот да биде послужен во најлонска обвивка или во салфетка. Келнерот е должен да води максимална грижа за својата хигиена, со маска на лицето ги послужува гостите со внимавање на растојанието. Со оглед дека не може да служи храна и пијалак од два метра растојание, келнерот треба да одлучи колкаво е пристојното растојание што може да го одржи при послужување. По послужувањето келнерот стои на соодветно растојание и чека да биде повикан од гостите. Сите апарати за точење вода, чај, кафе, сок, да се отстранат од употреба и пијалаците да се послужуваат по желба на гостите при послужувањето на масата“, се наведува во Протоколот.
Се забранува и користењето заеднички отворени садови при сервирање кечап, сенф, сосови, масла, сол, шеќери, чаеви, кои се споделуваат на повеќе од една маса.
“По завршување на оброците, искористениот прибор се отстранува од масите и се носи на миење и дезинфицирање во нечистиот дел од кујната, согласно вообичаена процедура која ја налагаат ХАСАП стандардите каде што е наведено дека во шанкот и кујната треба да постои чист дел каде што се оперира и послужува храна и пијалак и дел каде што се одлага веќе искористениот прибор кој потоа се мие и дезинфицира. Растојанието меѓу столчињата од соседните маси треба да биде 1,5 до два метра. На една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица“, предвидува Протоколот.
Нужни се и засилени внатрешни контроли на вработените од страна на одговорно лице за одржување на личната хигиена (често миење раце) во сите фази на подготовка, прием и послужување храна, засилени санитарно-хигиенски мерки, пребришување на масите со средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот при заминување на гостите од секоја маса, како и на крајот на смената задолжително механичко чистење и дезинфекција.
Потенцирано е и редовното одржување на тоалетите со задолжително водење евиденција за спроведеното чистење и употреба на соодветни дезинфекциски средства. Како и досега, забрането е користење сушачи за раце во тоалетите. Се наложува задолжително користење хартиени бришачи за раце за еднократна употреба.