Граѓаните од регионов ги мачат истите работи, невработеноста, коруптивните политички партии, корумпираното судство и здравство како и стравот од иселување на квалификуваниот кадар. Корона вирусот дополнително ги направи земјите од Западен Балкан понесигурни од претходно, покажува Балкан Барометар.
Невработеноста и слабиот економски развој се главните проблеми на граѓаните во регионот покажува последниот извештај на Балкан Барометар, истражување за јавното мислење кое го спроведе Регионалниот совет за соработка. Недостатокот на работа и непотизмот се наведени како две главни пречки при вработувањето, при што отворањето на нови работни места се случува во индустрии каде што се пониски платите. Дополнително состојбата со пандемијата од ковид-19 ќе ја влоши економската ситуација во наредните месеци со што ќе стане еден од најголемите шокови во изминативе децении , се вели во извештајот.
Во однос на прашањето колку сте задоволни од економскиот раст во вашата земја, само 18 проценти од македонските државјани одговориле дека се задоволни, 24 дека се незадоволни, додека 30 проценти ниту се задоволни, ниту се незадоволни.
Во Македонија за најкорумпиран сектор граѓаните сметаат дека е судството со 89 проценти, на второто место е Царина со 86 проценти и веднаш по неа се политичките партии со 85 проценти. Здравствените работици 78 проценти од анкетираните ги сметат за корумпирани, но блиску до нив се и пратениците со 77 проценти и полицијата со 76, а медиумите со 70 проценти.Образовниот систем на скалата за корупција е веднаш зад нив со 64 проценти. На дното на листата како најмалку корумпирани во перцепцијата на македонските државјани е Армијата.
На листата на грижи веднаш после корупцијата е одливот на мозоци од регионот, 70 проценти од младите размислуваат да ја напуштат земјата. Заминувањето на квалификувана работна сила стана голема загриженост за нашите граѓани, со тоа што тој процент скокна од нула процент во 2015 година на сегашните 20 проценти.
Целиот текст прочитајте го на slobodnaevropa.mk