Поминавте на тестирањето, потоа ве повикаа на разговор за работа… и на крајот ја добивте радосната вест дека почнувате со работа. Без оглед на тоа дали ви е прво вработување или веќе зад себе имате работно искуство, овие работи не треба ни да ги помислите да ги кажете и направите првиот ден на новото работно место.
Доцнење
Доцнењето само по себе е лоша навика и остава лош впечаток, па затоа организирајте се и бидете внимателни да не задоцните првиот ден на работа. Доколку задоцните, во очите на колегите и претпоставените ќе бидете некој кој не е одговорен и кој не ја сфаќа работата сериозно. Затоа, излезете порано од вообичаено со цел да не дозволите заради метежот во сообраќајот или некоја непредвидлива ситуација да не дојдете на време првиот ден.
Внимавајте на однесувањето
Немојте да бидете премногу гласни или премногу повлечени. Нормално е дека сите ќе гледаат во вас, ќе сакаат да ви посакуваат добредојде, да ве прашаат од каде доаѓате, какво искуство имате… Сето тоа е сосема нормално, но затоа бидете учтиви, не бидете ниту премногу блиски уште од првиот ден, ниту пак премногу “студени“ во комуникацијата.
Не зборувајте лошо за претходната работа
Иако можеби едвај чекавте да си заминете од претходната работа, целиот гнев и бес не мора да го споделувате со новите колеги. Познато е дека начинот на којшто зборуваме за другите, открива какви сме ние како личност. Затоа, не мора уште од прв ден да зборувате лошо за шефот, за причината поради којашто сте ја напуштиле претходната работа. Настапете со ставот дека сè е искуство во животот и убаво е кога се отвораат нови прилики, што нудат можности за развој.
Не мора веднаш да се спријателите со некој од колегите
Најдобро е во првите денови да бидете повоздржани кога е во прашање блиско пријателство со некој од колегите. Нормално е да комуницирате, да стане збор и за некои теми од приватниот живот, но не мора да ги откриете или дознаете сите приватни тајни. Со тек на времето, ќе сфатите со кои од колегите ќе сакате и приватно да се дружите и да бидете блиски и надвор од вратите на канцеларијата.
Покажете интерес за работата, прифатете го кодексот на компанијата
Доколку по утринскиот состанок, сите колеги се собираат и заедно пијат кафе и одвојуваат половина час да дискутираат за теми што не се поврзани со работата, вклучете се и вие. Немојте веднаш да седнете на бирото за да покажете колку ја сакате работата, туку прифатете го начинот на којшто се гради организационата култура во компанијата.
Не озборувајте
Трач партиите оставете си за вашите блиски кога ќе одите на кафе, а со колегите и да зборувате на теми што не се поврзани со работата, нека не ви падне на памет да озборувате. Така, ќе оставите впечаток на личност што не е искрена и што нема други паметни работи што треба да ги каже. За тоа како се облекла колешката од спротива не мора да биде тема на разговор со другата колешка додека појадувате или пиете кафе.
Јас тоа во претходната фирма вака го правев…
Убаво е да имате искуство и да сакате тоа да го споделите со новите колеги. Но, не мора сето она што сте го работеле во претходната фирма, да го правите и тука. Бидете подготвени да се прилагодите и да научите нови работи, а досегашното искуство само ќе ви помогне да бидете подобри и побрзи во извршување на задачите.