Онлајн платформата за резервации за сместување Airbnb, соопшти дека на осми јули се регистрирани еден милион резервации ширум светот, со што повторно е достигнато претпандемичното ниво.
“Голем дел од резервациите се поврзани со патувања што ќе започнат на седми август или пред тој датум“, се наведува во соопштението на Airbnb.
Порастот на резервациите го појаснуваат со потиснатата побарувачка, додавајќи дека повеќето резервации се оние со поповолни цени за сместување, на дестинациите поблиску до матичните земји на патниците.
Побарувачката за сместување нагло опадна во последните неколку месеци откако милиони туристи ги откажаа планираните одмори поради пандемијата.
Компанијата во такви околности ги прекина маркетиншките активности и го намали бројот на вработените за четвртина.