Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш повика на елиминација на глобалните нееднаквости, дополнително изразени како резултат на пандемијата на коронавирусот, оценувајќи дека светот е во пресвртна точка.
„Коронавирусот се споредува со рентген кој ги открива фрактурите во кревкиот скелет на општествата што ги изградивме“, изјави Гутереш на годишното предавање по повод роденденот на поранешниот претседател на Јужна Африка, Нелсон Мандела.
Гутереш изјави дека кризата предизвикана од пандемијата насекаде разоткрива лажни верувања: „лагата дека слободните пазари можат да обезбедат здравствена заштита за сите, фикција дека неплатената нега не е работа, илузија дека живееме во пост-расистички свет имит дека сите сме во ист чамец“.
Тој додаде дека развиените земји биле силно посветени на сопствениот опстанок и дека „не успеале да ја дадат поддршката што им е потребна на земјите во развој во овие опасни периоди“.
Гутереш ги критикуваше огромните нееднаквости во богатството, но и нееднаквостите поврзани со расата, полот, класата и местото на раѓање.
26-те најбогати луѓе во светот поседуваат богатство како половина од светската популација, рече генералниот секретар на ООН.
Тој изјави дека овие нееднаквости се гледаат како одговор на пандемијата, бидејќи владите, компаниите и поединците се обвинети дека купувале медицински материјали и опрема за себе, повеќе од тоа што е неопходно.
„Нееднаквоста започнува на врвот, во глобалните институции. „Решавањето на проблемот со нееднаквоста мора да започне со нивна реформа“, рече Гутереш.
Тој понуди некои решенија, велејќи дека е потребна нова генерација на социјална заштита, вклучувајќи универзална здравствена заштита и можеби универзален основен приход.