Авиокомпанијата Emirates Airlines на патниците кои ќе се заразат со корона вирусот во текот на патување им нуди бесплатно осигурување во случај на зараза со КОВИД-19, кое ги покрива трошоците за лекување, карантин и погреб.
Од компанијата наведуваат дека понудата, која важи за период од 31 ден сметано од почетокот на патувањето, ќе биде достапна веднаш и ќе трае до крајот на октомври. Осигурувањето е бесплатно за сите патници, без оглед на патничката класа или дестинацијата и се применува автоматски, без потребa за дополнителнa регистрација.
Превозникот со седиште во Дубаи извести дека за осигурувањето за медицински трошоци ќе резервира до 150.000 евра. Ќе се плаќаат и трошоците за карантин во хотел во период до две недели по 100 евра дневно. Во случај на смрт на патници поради КОВИД-19 компанијата ќе осигура по 1.500 евра за трошоци за погреб.
Оваа понуда на Emirates доаѓа во период кога авиокомпаниите ширум светот се тешко погодени од епидемиолошките мерки во борбата против пандемијата. На почетокот на месецот најголемиот авиопревозник во светот на долги линии најави укинување на дури 9.000 работни места.
„Знаеме дека луѓето сакаат да патуваат со авион додека границите во светот повторно се отвораат, но потребна е флексибилност и гаранција за непредвидени случаи и настани во текот на патувањето“ вели претседателот на Emirates, Ахмед бин Саед Ал Мактум.