Професорите по економија не се милијардери затоа што тие размислуваат логично, во рамките на финансиски конзистентен систем.
Милијардерите станаа тоа што се, затоа што размислуваа нелогично од гледна точка на економскиот систем.
Кога треба да се зборува за макроекономските трендови, новинарите секогаш ги повикуваат професори по економија. Но, кога интервјуираат милијардери, ги прашуваат за начинто на размислување или како заработуваат пари.
Ако организирате дискусија помеѓу некој угледен професор по економија и милијардер во врска со тековните и идните макроекономски трендови на пазарот, професорот секогаш ќе излезе како победник. Неговата презентација е финансиски логична, тој зад себе има бројни, истражувања и податоци кои го сочинуваат финансискиот систем. Милијардерот губи пред таквиот начин на размислување бидејќи неговите погледи во еден ваков систем се финансиски нелогични.
Но, професорот по економија сепак ќе биде вработен на некој факултет или институт, а милијардерот сепак ќе заработи милијарди. Зошто е тоа така?
Светот го менуваат иноваторите, а не менаџерите
Затоа што на факултетите за економија се изучува економија на реткоста, а не економија на изобилство, пишува Дејвид Олариној, консултант за претприемништво и уредник на порталот „Rich Culture“.
Економијата се занимава со тоа како добро да управуваме со постојните ресурси, па така студентите учат како најдобро да располагаат со она што го имаат, а не како да создаваат повеќе.
Од друга страна, не е реткост да се случи одредени луѓе кои го напуштиле своето училиште да завршат како претприемачи или милијардери, или пак тоа да бидат деца на успешни претприемачи кои за парите учеле дома, а не на училиште, пренесува порталот „Бизнис и финансии“.
Менаџментот е голема вештина, а историјата на економијата е делумно историја на одлични менаџери, без разлика дали тие управувале со државната каса или компанија. Но, светот не може да оди напред ако размислиме само за тоа како добро да управуваме со постојните ресурси кои, на крајот, секогаш се ограничени.
Светот е променет со откритијата на пронаоѓачи, иноватори, па дури и авантуристи. На некој начин, сите оние кои бараат нешто ново, надвор од постојниот систем, се авантуристи. И тие откритија, дури и кога се надвор од економската сфера, на еден или друг начин ја афектираат економијата.
Парите бегаат од оние што се обидуваат да ги задржат
Секоја развиена и богата економија не стана таква само затоа што беше добро управувана. Тоа е пред се производ на иновации и откритија. Ако сме водени само од тоа како да не го изгубиме она што го имаме, таквото размислување доведува до стагнација, а секоја стагнација е вовед во сиромаштија.
Парите бегаат од оние што се окупирани со мислата како да ги зачуваат. Тие се на страната на оние што размислуваат напред и се осмелуваат привремено да губат пари во обид да ја спроведат својата идеја пред тоа да го сторат другите.
Да замеме на пример еден професор по економија, кој живеел и работел пред само два века. Замислете му беше дадена задача да ја предвиди иднината, која е нашата сегашност, врз основа на претходните трендови и податоци што му беа на располагање во тоа време.
Кои се шансите професорот по економија, врз основа на тогашните ресурсите, да предвиди појава на нешто што барем би личело на интернет и современи начини на комуникација? Никакви, тврди Олариној. Затоа што тој ќе сметаше само на оние добра кои беа достапни во тоа време и истите ќе ги проектираше во иднина. Пронаоѓачите и другите луѓе што сакаат да создадат нешто ново не сметаат на вакви ограничувања.
Лесно е да се печатат пари, уметноста е да се оплодат
Денешните финансиски модели се засноваат на истото тоа незнаење. И тие започнуваат од фактот дека ресурсите што ги имаме денес се исти што ќе ги имаме утре, а честопати тие ќе бидат и помали.
Но, проблемот со сиромаштијата никогаш нема да се реши со печатење пари. Централните банки можат да отпечатат колку што сакаат банкноти, но доколку тоа не биде придружено со раст на продуктивноста, резултатот ќе биде инфлација, па дури и хиперинфлација и девалвацијата на валутата.
Растот на продуктивноста не е поддржан од економисти вработени во централните банки. Растот на продуктивноста го застапуваат претприемачите. Претприемачите, за разлика од економистите кои печатат пари, се насочени кон тоа како да ги користат тие пари најпрофитабилно. Тие се насочени кон пронаоѓање проблеми, чие решение може да донесе профит.
Луѓето се тие што создаваат своја рецесија
Веќе со години, медиумите постојано известуваат за мислењата на макроекономските експерти за претстојната рецесија. Колку пати на ден ги слушате овие зборови и изрази: недоволен, лош, непотребно, недостига, уште полошо итн. Дури и кога времињата се добри, економистите предвидуваат лоши времиња. И кога се зборува многу за претстојната рецесија, повеќето почнуваат да дејствуваат како веќе да се случило.
Луѓето се оние кои создаваат своја рецесија, со својот начин на размислување. Ако ги загубат работните места, тие главно мислат дека тоа е затоа што економијата е во криза и дека тие се само жртви на масовни отпуштања. Тие ретко размислуваат дали ја изгубиле работата затоа што не знаеле како да го направат тоа на начин што ќе му дадат на работодавачот приход и заработка.
Оние што се во можност да заработат, не ги донесуваат своите одлуки под влијание на веста за претстојната економска катастрофа, ниту пак ја врзуваат својата иднина на „општа состојба“ што зависи од владата и креаторите на економските политики. Тие ја гледаат кризата како недостиг, но не за пари, туку за решенија за проблемите што се појавуваат. Тие не ја гледаат економијата како комплексен систем на споени судови, туку преку неговата суштина - дека секогаш е однос помеѓу понудата и побарувачката на пазарот.
Парите ги има повеќе отколку добрите идеи
Ако сте во можност да дојдете до решение за проблем, да произведете нешто што на луѓето навистина им треба и што ќе им биде корисно, тие ќе го купат и покрај кризата, тврди Олариној. Успешните претприемачи секогаш се насочени кон решавање на постојните проблеми, а не на постојните ресурси.
Затоа што секогаш има доволно пари во светот за некој што знае да реши проблем. И недостатокот на пари е секогаш проблем на недостаток на добри идеи, креативност и оптимизам, кои од гледна точка на економскиот систем најчесто изгледаат нелогични.