Извршниот директор на компанијата за осигурување за автомобили Admiral, Дејвид Стивенс ќе подели 10 милиони фунти (12,91 милиони долари) меѓу вработените како подарок за неговото пензионирање.
Подарокот од Стивенс и неговата сопруга Хедер ќе биде поделен помеѓу 7.500 вработени во Јужен Велс и 3.000 во странство, пренесува ВВС.
Вработените со полно работно време во компанијата ќе добијат 1.000 фунти, а оние со скратено работно време по 500 фунти.
Стивенс, кој заедно со својата сопруга ја основаа компанијата за осигурување за автомобили со седиште во Кардиф, во 1991-ва година изјави дека е горд и среќен што работел со толку посебна група на луѓе.
“Ова е вистинската работа да се направи за да им изразам благодарност на сите вработени во Admiral. Нивната напорна работа и посветеност му дозволија на Admiral да прерасне од стартап во компанија со над 11.000 вработени ширум светот. Компанијата беше одлично место за работа цело време. Мојата сопруга и јас им благодариме на сите во Admiral“, рече тој.
Кога беше основана, Admiral продаваше автомобилско осигурување преку телефон во Кардиф со тим од само 57 луѓе.