300 компјутери за училиштата од регионот
Кавадарци, 30. септември 2020 – Во пресрет на новата учебна година, која годинава е соочена со многу предизвици, компанијата Дрекслмајер донираше компјутери што ги издвои од сопствените капацитети, а сѐ со цел да се олесни претстојната онлајн настава.
Над десетина училишта од Кавадарци, Неготино, Демир Капија, Велес и Градско добија компјутерска опрема од компанијата Дрекслмајер. Компјутерите се тестирани и ја поддржуваат платформата на Министерството за oбразование и наука. Некои од училиштата добија лап топ компјутери, а дел десктоп компјутери.
„Ни претставува чест и задоволство што со оваа донација можеме да придонесеме кон олеснување на подготвителниот процес за онлајн настава пред самиот почеток на новата учебна година. Се надевам дека компјутерската опрема ќе му биде од голема корист на наставниот кадар во училиштата од овој регион, а учениците и во време на пандемија ќе имаат можност непречено и квалитетно да ја следат наставата. Ова е наша заедничка одговорност“, истакна генералниот директор на Дрекслмајер - Лукас Мирингер, пред директорите на училиштата во Кавадарци на примопредавањето на опремата. Одговорноста за распределбата на компјутерите во кавадаречките училишта ја презеде Општина Кавадарци.
Ова е втора поголема донација од ваков тип, откако на почетокот на годината Дрекслмајер подари околу деведесет компјутери на неколку училишта во тиквешкиот регион. Со ова вкупната бројка со која се опремени училиштата е тристотини компјутери.
„Донацијата од Дрекслмајер е од огромно значење за нашето училиште и за подобрување на квалитетот на наставата. Со околу педесетина компјутери што ги добивме од Дрекслмајер ќе им овозможиме на наставниците да ја спроведат онлајн наставата, но и да ја збогатат наставната програма“, посочи директорката на СОУ „Св. Кирил и Методиј - Неготино, Донка Јованова.
Дрекслмајер како и досега ќе продолжи да ги негува вредностите и целите за одржлив развој на општеството во сите области. Поддршката на образованието е само дел од глобалната развојна стратегија на компанијата.