Италијанската влада денес објави дека воведува забрана за патување за време на новогодишните празници, со цел да се спречи ширење на коронавирусот, објави Гардијан.
Новите правила, заедно со постојните, кои вклучуваат полициски час, ќе се обидат да ја запрат циркулацијата на вирусот низ земјата за време на празничниот период, со ограничување на бројот на луѓе собрани на едно место.
„Ако попуштиме сега, не чека нов бран “, рече министерот за здравство Роберто Сперанца, јави Танјуг.
Патувањето меѓу италијанските провинции ќе биде забрането од 21 декември до 6 јануари, а на луѓето нема да им биде дозволено да го напуштат своето живеалиште на 25, 26 декември и 1 јануари, додава Гардијан.
Исто така, „сериозно им се советува“ на граѓаните да не одат кај пријатели, роднини, соседи, туку да бидат само со членови на семејството.
Другите ограничувачки мерки ќе бидат воведени во текот на денот, а се очекува секој што ќе влезе во Италија да биде должен да помине десет дена во карантин, почнувајќи од 20 декември.
Овој потег е направен да ги спречи Италијанците да одат во ски-центри, кои се отворени во некои европски земји.
Кафулињата и рестораните ќе останат затворени во регионите кои се во црвена или портокалова зона, додека во жолтата зона, угостителските објекти можат да работат до 18 часот, додека полицискиот час е во сила низ целата земја од 22 часот.
Во жолтите зони, каде рестораните се отворени, но мора да се затворат до 18 часот, владата сè уште размислува дали да им дозволи на овие објекти да служат ручек на Божиќ и ден подоцна, на 26 декември.
Скијачките центри ќе бидат затворени, а крстарењата ќе бидат забранети.