Претприемач од Германија предизвика бука надвор од границите на својата земја со објава на Фејсбук, каде им се заканува на своите вработени со отказ доколку се вакцинираат против коронавирус.
Набргу по објавата, сопственикот на компанијата Mentrup Bedachung & Holzbau GmbH го избриша контроверзниот пост, но сепак, тој продолжи да се шири на Интернет.
Директорот и сопственик на компанијата, Уве Ментруп, напиша дека „секој што ќе се вакцинира со несигурни вакцини, покрај предупредувањата на многу експерти ширум светот, ја загрозува стабилноста на бизнисот и компанијата!“.
Тој исто така изјави дека ги отфрла „експериментите со производствените капацитети на неговата компанија во корист на фармацевтската индустрија“, како и дека оние кои не го разбираат тоа „можат да бараат работа на друго место“.
По хаосот што го предизвика на Фејсбук, сопственикот на компанијата се огласи повторно на истата социјална мрежа и рече дека ги има „најдобрите вработени што еден работодавач може да ги посака“, како и дека не им забранувал на работниците да се вакцинираат и дека тоа нема да го прави ниту во иднина бидејќи нема такво право.
Покрај тоа, тој рече дека спорниот пост го објавил во „договор со вработените“ и дека сè уште е критичен кон „планираната присилна вакцинација на медицинскиот персонал“.
Сличен случај се случи во Австрија, каде компанија, која се занимава со поставување покриви, објави оглас за вработување работници со барање да не се пријавуваат оние кои биле вакцинирани против Ковид-19 или планираат да го сторат тоа, но тој оглас исто така беше избришан.
Извор: BizLife