Втора инвестиција на DRÄXLMAIER Group - Изградена нова фабрика во Куманово
Куманово, 01. април 2021 година – Во регионот на Куманово започна со работа новиот, втор по ред производствен капацитет на Дрекслмајер во земјава каде ќе се произведуваат автомобилски компоненти за премиум клиенти во автомобилската индустрија. За потребите на производството, изминатиот период беше изграден нов индустриски капацитет според меѓународни Дрекслмајер стандарди, чија основна цел е создавање безбедна, здрава и пријатна работна средина. Двоцифрената милионска инвестиција ќе создаде нови работни места во регионот на Куманово.
„Како лидер во премиум автомобилскиот сегмент и дел од листата на ТОП 100 добавувачи во светската автомобилска индустрија, постојано ја добиваме и ја зајакнуваме довербата од нашите клиенти, така што се јави потребата од дополнително проширување на производствените капацитети каде е остварен комплетно интегриран производствен процес. 2020 година донесе многу турбуленции предизвикани од пандемијата на вирусот Ковид 19, а неповолните социо-економски движења не нѐ одбегнаа ниту нас. Сепак продолживме да инвестираме во нови производствени капацитети и развојни проекти“, рече Лукас Мирингер, генерален директор на Дрекслмајер Македонија.
Обезбедување на квалитетен производ е клучен предуслов за зацврстување на довербата кај клиентите. Токму затоа компанијата обезбедува работна средина каде можностите за учење и напредување се неисцрпни, така што остануваме доследни на нашата долгорочна стратегија за поддршка на професионалниот развој на нашите вработени. Инвестирањето во техничкото знаење на вработените преку посета на фабриките на другите локации со цел запознавање на работните процеси е исклучително важна алка во целокупниот процес на работењето на компанијата и претставува меѓународна размена на знаења во рамките на Групацијата DRÄXLMAIER.
„Во моментов во фабриката во кумановскиот регион работат над седумстотини соодветно обучени кадри, а бројот на вработени и понатаму ќе се зголемува. Вработените се нашиот најголем капитал и секогаш се во фокусот на нашето внимание“, вели Мирингер.
DRÄXLMAIER Group во земјата е присутен од август 2012 година со отворањето на првата фабрика во Кавадарци. Оттогаш па наваму компанијата е посветен и лојален партнер на регионот во кој што делува. Во изминатите години воспоставивме одлична соработка и партнерски однос со над седумстотини домашни компании кои имаат значаен удел во досегашното успешно работење на компанијата во насока на спроведување на водечките интернационални стандарди, креирање на компетитивна средина и препознавање и квалификување на нови технологии и добавувачи.
„Фабриката во Куманово ќе има важна улога во процесот на снабдување на нашите клиенти. Среќни сме што имаме можност да се развиваме и да го шириме нашето присуство во овој регион. Нашите тимови се составени од високомотивирани вработени кои со своето знаење и посветеност придонесуваат за создавање на висококвалитетен производ“ – потенцираше Мирингер.
Придржувајќи се на долгорочната стратегија за поддршка на младите луѓе и нивното образование и професионалниот развој, Дрекслмајер е водечка компанијата во земјава која неколку години наназад го спроведува германскиот модел на дуално стручно образование. Поддршка преку годишни стипендии и практична работа во компанијата добиваат и најдобрите студенти од техничките факултети во земјата.
Следејќи ја компаниската стратегија за одржливост, Дрекслмајер во соработка со општините од регионот, вклучувајќи ги и своите вработени, иницира и поддржува голем број активности насочени кон заедницата и општото добро на сегашните и идните генерации. Доследно ја реализира својата цел за реализирање на проекти за подобрување на условите во кои функционираат голем број спортски клубови и здруженија во делокругот на своето дејствување.
Дрекслмајер е германска семејна компанија која делува на глобално ниво, водејќи се од унифицираните принципи и стандарди кои важат во повеќе од шеесет фабрики насекаде ширум светот. Им посакуваме добредојде во тимот на вработените во новоотворената фабрика во Куманово, кои од април годинава се дел од големото Дрекслмајер семејство.