Изборот на јавен-приватен партнер следува во наредниот период, а претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски очекува тоа да се случи до крајот на првата половина од годинава. Според информациите на РКЕ, во крајната фаза остануваат две компании од Турција.
– Она што е важно е дека тендерски услов кој ќе биде најбитен, ќе биде најниската цена која ќе се понуди за приклучок на природен гас. Нашите очекувања се дека тоа ќе биде под 100 евра по приклучок. Тендерирањето ќе започне од 100 евра и мислам дека тоа ќе претставува придобивка за домаќинствата кои ќе имаат низок трошок за приклучување. Очекуваме од новиот јавен-приватен партнер да обезбеди и соодветни евтини кредити кои ќе им овозможат на домаќинствата да ја заменат својата инсталација на рати на повеќе години, изјави денеска Бислимоски.
Ќе биде побарано и од општините да даваат донации за домаќинствата кои ќе сакаат да се приклучат на мрежата на природен гас за овој еколошки енергенс да стане многу подостапен до граѓаните.
Од страна на РКЕ е изработена првичната верзија на новата методологија за определување на цените за дистрибуција на природен гас на мрежи кои ќе се градат од почеток. Целта е да се гарантира цената на гасот и да се прави контрола во првите години од работењето.
Сега, во градовите каде е развиена дистрибутивната мрежа на природен гас, приклучокот чини 500 евра. Во Турција, која во последните 15 години разви сопствена дистрибутивна мрежа на природен гас во 27 свои области и има тенденција тоа да го стори и во селските средини, приклучокот во станбени згради чини 120 евра по стан.
Инаку, првпат откога е започната гасификацијата во земјава, лани е забележана рекордна потрошувачка на гас. Според РКЕ, лани потрошувачката на природен гас изнесувала 338 милиони нормални метри кубни и е за 12,5 проценти зголемена во однос на 2019 година. Зголемување на потрошувачката на природен гас имало во индустрискиот сектор за 43 проценти, а намалување за 11 проценти е забележано само кај металната индустрија која беше најпогодена од кризата.
– Радува и фактот што има и нови домаќинства кои се приклучени на дистрибутивните мрежи за природен гас. Поголемиот број е во Струмица, а помалку има во Куманово, изјави Бислимовски на денешната прес-конференција.
Извор : https://www.biznisvesti.mk/